Христодулидис – Тасулас: Праведно и одржливо решение на кипарското прашање само во рамките на резолуциите на ОН
- Одличната билатерална соработка, комуникацијата за координација на европско ниво, но и заедничките позиции во кипарското прашање, ги истакнаа претседателите на Грција и Кипар Константинос Тасулас и Никос Христодулидис на нивната средба во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 8 мај 2025 (МИА) – Одличната билатерална соработка, комуникацијата за координација на европско ниво, но и заедничките позиции во кипарското прашање, ги истакнаа претседателите на Грција и Кипар Константинос Тасулас и Никос Христодулидис на нивната средба во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.
Тасулас вчера ја започна тридневната официјална посета на Кипар, што е прва посета по преземањето на должноста, а двајцата претседатели разговараа за низа теми, но во фокусот беше кипарското прашање.
Грчкиот претседател ја изрази цврстата поддршка на Грција за Кипар „во мирната борба за ставање крај на нелегалната турска окупација и повторно обединување на Кипар во европска и демократска држава“ и посочи дека со Христодулидис се согласиле дека „единствениот пат во оваа насока е продолжување на разговорите со цел да се најде праведно, одржливо и функционално решение за кипарското прашање, во рамките на резолуциите на ОН“.
Посочи дека се согласиле и дека одржувањето на каналите на комуникација меѓу Грција и Турција „потенцијално би можело да придонесе за создавање услови за продолжување на дијалогот“.
- И Турција и кипарските Турци мора да разберат дека нивниот европски пат, просперитет и развој поминува преку почитувањето на меѓународното право и уривањето на последниот ѕид што ја дели на два дела европската престолнина. Европски главен град на земја која во првата половина од следната година ќе претседава со Советот на ЕУ. Затоа, очекуваме другата страна да ја искористи можноста што ќе се укаже, демонстрирајќи го потребниот конструктивен став, со цел одново да започне процесот на преговори, без предуслови и ултиматуми, порача Тасулас.
Кипарскиот претседател уште еднаш ја повтори подготвеноста да работат за „одржливо и конечно решение, секогаш во рамките на резолуциите на Обединетите нации и согласно принципите и вредностите на ЕУ“ и истакна дека „сегашната состојба не може да биде иднината на Кипар“.
Христодулидис се осврна и на соработката со Грција и во пресрет на кипарското претседателство со ЕУ во првата половина на 2026 година.
- Кипар и Грција постојано ја нагласуваат потребата од поактивно вклучување и позначајна улога на ЕУ во нашиот регион, но и на меѓународно ниво. За Унија геополитички автономна која ќе ги застапува и ќе им служи на интересите на европските граѓани на меѓународно ниво. Неизвесноста во светот, во меѓународниот систем што постојано се менува, не ги остава ЕУ и нејзините земји-членки незасегнати. Нелегалната руска инвазија на Украина, кризата на Блискиот Исток, прашањето со миграцијата, еколошката криза се само дел од актуелните предизвици што влијаат на секојдневниот живот на нашите граѓани, рече Христодулидис.
Посочи дека затоа, соработката меѓу двете земји и на европско ниво, заедно и со другите партнери е неопходно со цел да се создадат безбедносни услови за граѓаните.
Двајцата претседатели, на прес конференцијата по средбата, освен на кипарското прашање и билатералните односи, се осврнаа и на европската одбрана, како и на ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток. ср/sd/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател