• понеделник, 18 ноември 2024

Христодулидис: Сегашното статус кво не може да биде иднината на Кипар

Христодулидис: Сегашното статус кво не може да биде иднината на Кипар

Никозија, 20 јули 2023 (МИА) – Сегашната состојба на работите, сегашното неприфатливо статус кво не може да биде иднината на нашата земја, порача кипарскиот претседател Никос Христодулидис по повод 49-годишнината од турската инвазија на Кипар и истакна дека токму затоа веќе преземаат иницијативи за одново започнување на разговорите, кои беа прекинати во 2017 година, јави дописничката на МИА од Атина. 

-Четириесет и девет години по варварската турска инвазија, окупацијата и нејзините остатоци не можат да продолжат. Многу добро ги знаеме тешкотиите, проблемите и предизвиците. Во исто време, многу добро знаеме дека за нас не постои друг избор. Сегашната состојба на работите, сегашното неприфатливо статус кво, бодликавите жици, линијата на поделба не можат да бидат иднината на нашата земја, истакна Христодулидис.

Посочи дека нивните иницијативи за повторно започнување на разговорите се однесуваат на решение на кипарското прашање врз основа на бизоналната, бикомунална федерација  и „решение кое ќе го ослободи Кипар од гаранциите и окупаторските трупи“.

-Решение кое практично ќе ја отстрани окупацијата и ќе им овозможи на сите законски жители на ова место да коегзистираат, далеку од било какви поделби, под режим на еднаквост. Ова, впрочем, им го должиме на сите наши херои кои паднаа да го заштитат ова место. Ова им го должиме на нашите деца, на иднината на нашата земја, порача кипарскиот претседател. ср/сд/

Остани поврзан