Христодулидис: Преку кипарското претседателство со ЕУ да докажеме во пракса дека Кипар има глас и улога во Унијата
- Преземањето на претседателството со Советот на ЕУ од Република Кипар е најголема национална мисија и единствена можност уште повеќе да докажеме и на дело дека Кипар има свој глас и улога во Европската унија, истакна кипарскиот претседател Никос Христодулидис на владината седница посветена на претстојното претседателство со Унијата на почетокот од 2026 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина 6 септември 2025 (МИА) – Преземањето на претседателството со Советот на ЕУ од Република Кипар е најголема национална мисија и единствена можност уште повеќе да докажеме и на дело дека Кипар има свој глас и улога во Европската унија, истакна кипарскиот претседател Никос Христодулидис на владината седница посветена на претстојното претседателство со Унијата на почетокот од 2026 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Република Кипар од 1 јануари до крајот на јуни следната година ќе го преземе претседателството, а Христодулидис денеска свика владина седница на која единствена тема беа подготовките, приоритети и сл.
Информираше дека на Кипар ќе се одржат 258 средби, како во Никозија така и во други делови, а очекуваат за време на претседателството земјата да ја посетат 28.000 лица.
Во однос на приоритетите објасни дека ќе се движат на две нивоа, едното се темите што ќе ги наследат од сегашното данското претседателство, меѓу кои „најважна е повеќегодишната финансиска рамка“, а второто се однесува на дискусиите за „поедноставување на процедурите во рамките на ЕУ, што се однесува на конкурентноста на Унијата и земјите-членки“, а додаде дека секако нема да изостанат прашањата за безбедноста и одбраната.
- Што се однесува до нашите приоритети, почнувам со секторот за одбрана и безбедност, што е многу важен, па така, на Советите на министри за надворешни работи и министри за одбрана, но и на ниво на Европски совет, ќе имаме доста состаноци. Тука, исто така е и миграцијата и драго ми е за бројките, особено во споредба со 2022 година. Стратегијата што ја започнавме, што ја продолжуваме, што ја зајакнуваме носи резултати и е позитивно што другите земји-членки на ЕУ сакаат да ги следат практиките на Република Кипар. Ќе имаме имплементација на Пактот за миграција за време на претседателството на Кипар, истакна Христодулидис.
Од другите приоритети ги спомена безбедноста на водите и станбениот проблем, но и доближувањето на ЕУ до поширокиот регион на Блискиот Исток. ср/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател