• понеделник, 23 декември 2024

ХРВ бара истрага за злосторствата на паравоените Сили за брза поддршка во Дарфур

ХРВ бара истрага за злосторствата на паравоените Сили за брза поддршка во Дарфур

Картум, 11 јули 2023 (МИА) – Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human rights watch) денеска побара од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи злосторствата извршени од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и нивните сојузници во суданскиот регион Дарфур.

ХРВ тврди дека во мај РСФ и арапските милиции убиле 28 припадници на неарапското племе Масалити во градот Мистереи. Тие во рок од неколку недели покрај Мистереи запалиле и шест други градови и села во Западен Дарфур.

Конфликтот во Судан избувна во средината на април по неколкумесечна тензија меѓу генералот Абдел Фатах Бурхан и неговиот ривал генерал Мохамед Хамдан Дагало, командант на паравоените сили за брза поддршка (РСФ). Првично борбите беа ограничени само на главниот град Картум, а подоцна судирот се прошири низ цела земја.

Агенцијата за храна на ОН денеска соопшти дека жителите сè уште бегаат од насилството во Дарфур во соседен Чад, вклучително и повеќе од 20.000 бегалци кои само минатата недела преминаа во граничниот град Адре во Чад. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан