• четврток, 14 ноември 2024

Хотелиерите, туристичките работници и Општина Охрид со барање за одлагање на градежните работи на потегот Подмоље - Охрид до септември

Хотелиерите, туристичките работници и Општина Охрид со барање за одлагање на градежните работи на потегот Подмоље - Охрид до септември

Охрид, 12 јуни 2023 (МИА) - Преставници на хотелиерите, угостителскиот еснаф, туристички оператори и агенции, како и Локалната самоуправа денеска во просториите на Општина Охрид потпишаа барање до Министерството за транспорт и врски и Владата за одлагање на градежните активности на патот Подмоље - Охрид до завршување на туристичката сезона, односно до средината на септември.

На состанокот, кој беше на иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков, присутните посочија дека затворањето на делницата Подмоље - Охрид ќе биде погубна за туризмот. Ја наведоа рекацијата на туристите кои изминатите два дена од Охридскиот аеродром до хотелите патувале по два до два ипол часа.

Дел од патот Подмоље - Охрид, по кој сега се одвива сообраќајот, како што беше посочено, не бил направен со соодветни подлоги и немало да го издржи товарот од камионите и тешките товарни возила. Дополнително гужвите во сообраќајот ќе го отежнат движењето на приоритетните возила, брза помош, полиција, пожарна, како и на оние што имаат потреба од итни здравствени услуги во Охрид и Струга.

- Патот познат како „распатје“ од Здружението на возачите до вклучување на булевар „Туристичка“ не бил направен со сите потребни подлоги и тампони, односно бил директно асвалтиран на земја. Движењето на камиони и товарни возила кои ќе поминуваат секојдневно ќе направат оштетување, според стручните служби, за не повеќе од 10 до 15 дена. Што ќе биде дополнителен проблем за влез во Охрид, истакна градоначалникот Пецаков.

Но, според него, со прекинувањето на патот за влез во Охрид, не се прекинува само делот Подмоље - Охрид, туку и двата булевари „Туристичка“ и „Железничка“, што ќе го отежнее раководењето во сообраќајот.

- До ова барање се дојде имајќи предвид дека не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, па така градежните активности може да се насочат на друга точка, а од септември да продолжат на оваа, подвлече Пецаков.

На состанокот иако присуствуваше началникот на СВР Охрид Жарко Лазороски, не го потпиша барањето. Тој посочи дека СВР Охрид постапува по она што им е одобрено на изведувачите и преземаат дополнителни активности за подигнување на нивото на безбедноста и протокот на сообраќајот на овој дел од патниот правец.

- Да не се грижите воопшто дали тој дел на патот е безбеден за сообраќај. Стариот дел на патот е реконструиран пред две - три години, има поставено соодветна сигнализација, ги исполнува сите  услови за одвивање на сообраќај. Обележан е, нема ударни дупки, патната сигнализација што е поставена е согласно законските прописи и нема никаков проблем, рече Лазороски на состанокот.

Претседателот на Здружението на хотелиери - ХОТАМ Крсте Блажевски, рече дека колегите од секторот биле затекнати од затворањето на делницата Подмоље - Охрид, а за временскиот период колку ќе биде затворена дознале од медиумите.

- Многу ни смета затворањето на таа делница, баш влезот на Охрид. Со оглед дека споредниот пат или стариот пат е помал и не може да го опслужи целиот сообраќај што се одвива. Тука доаѓаат и камиони од Албанија кон Битола и целиот сообраќај треба да се одвива на тој пат. Тоа е едно тесно грло и се создаваат многу проблеми во туризмот. Се надеваме дека ќе има некаков слух и дека ќе се најде некакво решение за брзо отворање на патот, кој би можеле да го користиме барем од едната страна, вели Блажески.

Олег Маленко, сопственик на туристичка агенција од Охрид забележа дека се соочиле со проблеми при транспортот на туристи и побара суетите на политичарите да стивнат и да се гледа интересот на граѓаните.

-Со сегашнава бројка на гости кои доаѓаат по овој патен правец од Скопје накај Охрид се соочуваме со проблеми. Оваа нова ситуација ни дава поголеми потешкотии како оперативни, така и во поглед на задоволување на гостите. За жал, многу трошиме за да ги донесеме и на крај не можеме да ги задоволиме нивните потреби. Апсолутно одговараме и за безбедноста на туристите и се надевам дека ќе најдеме некое ново решение за овој проблем. Проблемот е горлив и не е од денес, сега дополнително се испроблематизира. Реакциите се оправдани, суетите на политичарите да стивнат и малку да го гледаа интересот на граѓаните. Ова е апел до сите политичари и тие кои ја практикуваат власта и тие кои се во опозиција, рече Маленко.

Хотелиерите и тур операторите велат дека досега имале забелешки на времето за патување од Скопскиот аеродром до Охрид и Струга поради лошата патна инфраструктура и оти затворањето на патот Подмоље - Охрид дополнително ќе влијае врз туристичките аранжмани. сс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан