Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет
- Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кој стана нелегитимно тело, вели холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.
Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Холандија стави во мирување проект поврзан со Судскиот совет, кој стана нелегитимно тело, вели холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.
Прашан за состојбата на правосудниот систем, холандскиот амбасадор Коп во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вели дека тоа е централно прашање, кое Холандија го следи внимателно.
-Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но, она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна, изјави Коп.
Според Коп, носењето на закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО во февруари 2020 година во Парламентот, било клучно за Холандија да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ.
-Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно, вели Клоп.
На седница на Судскиот совет на 26 април годинава претседателката Весна Дамева беше разрешена од функцијата, така што нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзно разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Судскиот совет на 4 мај на итна седница со осум гласа „за“ и четири „против“ го избра судијата Сашко Георгиев за нов претседател, откако истиот ден одржал две нејавни седници, на кои, како што информираше преку соопштение објавено по изборот на Георгиев за нов претседател, најпрво била донесена одлука со која се става вон сила решението за разрешување од функцијата претседател на Судски совет на Весна Дамева од 26 април годинава, а потоа со девет гласа „за“ била донесена одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет. аа/вј/
Фото: МИА архива