• среда, 15 јануари 2025

Ховениер: Отворањето на мостот на Ибар во овој момент може да ги загрози американските војници

Ховениер: Отворањето на мостот на Ибар во овој момент може да ги загрози американските војници

Приштина, 13 август 2024 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во Митровица во овој момент, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и на американските, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Ховениер изрази надеж дека косовската влада ќе ја земе предвид загриженоста на сојузниците и нема да преземе еднострани дејствија.

„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово. Ние ја сфаќаме многу сериозно секоја акција што може да влијае на безбедноста и заштитата на американските војници кои работат на поддршка на Косово. Нашата надеж е дека Владата ќе го слушне ова и ќе ги земе предвид овие грижи“, рече Ховниер.

Владата на Косово соопшти дека има намера да го отвори мостот на Ибар, кој ја дели Јужна Митровица со мнозинско албанско население и Северна Митровица со мнозинство Срби, за сообраќај на возила. И покрај противењето на земјите од Квинта и НАТО, косовскиот премиер Албин Курти порача дека мостот мора да се отвори и дека „тоа не е против никого“.

Предупредувањето за отворањето на мостот дојде откако косовските власти на 5 август ги затворија канцелариите на Српската пошта на север, акција што косовските сојузници ја оценија како „некоординирана и еднострана“.

Ховениер во интервјуто за РСЕ вели дека САД биле предизвикани од премиерот Курти и неговата влада во повеќе аспекти.

„Морам да кажам дека квалитетот на нашето партнерство не е онаков каков што би се надевале дека ќе биде за некои од овие прашања поврзани со тоа како тој се справува со северот и како го менаџира дијалогот, рече американскиот амбасадор.

Тој додаде дека некоординираните акции на Владата на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, го намалуваат ентузијазмот на САД да го поддржат Косово на неговиот евроатлантски пат.

На прашањето дали КФОР би можел да се соочи со косовските власти доколку тие одлучат да го отворат мостот и покрај сето противење, Ховениер рече дека не може да зборува за тоа како Косово би можело да реагира во таква ситуација, но додаде дека КФОР беше многу јасен во врска со отворањето на мостот.

Мисијата на НАТО во Косово соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност.

„Мисијата на КФОР одржува постојано присуство на мостот и продолжува да спроведува редовни патроли во околните области за да обезбеди стабилност и безбедност, за доброто на сите локални заедници. Нема да се двоумиме да се справиме со кој било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, во целосна согласност со нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации “, соопшти денеска КФОР. иа/

Остани поврзан