Хиспан: Мора да се стави крај на реформите како политички пресметки и да се врати довербата во изборите во Албанија
- Пабло Хиспан, претседател на Советот за демократски избори и член на Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), ја истакна потребата од изготвување на сеопфатна изборна реформа во Албанија
Тирана, 21 октомври 2025 (МИА) – Пабло Хиспан, претседател на Советот за демократски избори и член на Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), ја истакна потребата од изготвување на сеопфатна изборна реформа во Албанија.
Изборната реформа беше тема на еден од трите панели на конференцијата „30 години партнерство и напредок: Албанија, Советот на Европа и Венецијанската комисија“ организирана од Парламентот на Албанија.
Зборувајќи на панел-дискусијата, Хиспан нагласи дека во албанската историја, изборната реформа често се иницира по изборите и оти „честите промени направени во Изборниот законик и законодавството се повеќе водени од тесните стратегии на политичките партии отколку од неопходните подобрувања“.
- Стабилноста на изборниот систем е многу важна за да се гарантира довербата во изборниот процес, така што резултатите од изборите ќе бидат широко прифатени, рече Хиспан, нагласувајќи ја важноста од усвојување на изборната реформа со консензус.
Според него Венецијанската комисија утврдила дека сегашното изборно законодавство во Албанија е во принцип соодветно за одржување избори, доколку се спроведе правилно и со должна доверба.
Тој нагласи дека ПССЕ внимателно ја следи политичката ситуација во Албанија, која, како и во многу други земји, се соочува со истите проблеми како во Западна Европа или балканските земји.
Хиспан упати апел до сите институции и политички партии да ги искористат препораките на ПССЕ во врска со изборните процеси за понатамошно подобрување на изборната рамка. вт/ми/