• петок, 22 ноември 2024

Хипи комуната од Црн Камен ќе се отсели за десетина денови

Хипи комуната од Црн Камен ќе се отсели за десетина денови

Гостивар, 5 август 2023 (МИА) – Групата од неколку стотина лица која неформално кампува покрај Мавровското езеро во месноста Црн Камен ги исполнува сите законски услови за престој, велат надлежните. Според најавите тие ќе заминат кон средината на август.

Доаѓањето на припадници на неформалната група наречена Rainbow gatherings (собири на виножитото) која е основана во САД уште во шеесеттите години од минатиот век минатиот месец во мавровско-реканскиот крај повлече дузина реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Дописникот на МИА пред десетина дена беше во посета на нивниот камп, но најголемиот дел од присутните не сакаа да контактираат со новинари, а некои од нив посочија дека хипици, нудисти и патници авантуристи се состануваат секое лето за едномесечно дружење и славење на планетата и природата. Нивните собири се бесплатни и отворени за секого, но нејасно е кој ги координира.

Нивното доаѓање во Македонија беше пречекано со отпор, откако првично, нивниот камп беше поставен во близина на долнореканското село Жировница.

Тоа го потврдуваат и од управата на националниот парк „Маврово“ во чија надлежност е управувањето со природните добра во овој регион.

Првиот камп бил на планинските падини на Дешат над селото Жировница.

Управата врз основа на надлежностите и дека гостите биле сместени во зоната пред планинскиот појас на пасиштата, пограничен појас и Зона на строга заштита на територијата на Паркот и мерките за забрана за движење во шума, биле искористени како доволен аргумент за нивно раселување.

- Заедно со командирот на пограничната полициска станица во село Жировница и претседателот на МЗ Жировница и раководителот на Одделението за заштита во Паркот ги посетивме присутните на локацијата, стапивме во контакт со два члена од групацијата и на присутните коишто се без водач им беше пренесено каде престојуваат со какви се законски пречки се соочени и на крајот дека се непожелни во близина на населеното место, стои во одговорот од управата на НП „Маврово“.

По ова групата во која има лица од повеќе држави, се упатиле кон месноста „Црн Камен“ помеѓу селата Леуново и Ниќифорово и без ничија дозвола се лоцираат и подигнуваат див камп.

Од СВР Тетово информираат дека веднаш по пријавата службени лица од ПС Маврови Анови ги евидентираат присутните и според законите тие имаат пријавен привремен престој. Досега биле извршени неколку контроли, но не биле регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, ниту активности и однесување кои не се во склад со македонските закони.

Во Македонија, ќе останат до 16 август во 12.38 часот, кога по втор пат ќе ја прослават полната месечина и по церемонијата сите ќе си заминат дома.

Во меѓувреме по социјалните мрежи и од неколкумина сопственици на викендички во Леуново и Никифорово се појавија поплаки. Тие реагираат на присуството на „туристите во дивиот камп“, начинот на вршење на физиолошки потреби, палење оган, присуство на дрога, журки под алкохол и справување со отпадот,

Од СВР Тетово потврдија дека таквите наводи биле проверувани, но терен досега не се регистрирани неправилности. Единство, бројната состојба е променлива и дека се присутни се луѓе од повеќе држави.

Сепак, и од управата на паркот, но и во коментарите на локалното население забележливо е дека локалитетот Црн Камен е исчистен и од повеќегодишен комунален отпад околу и под грмушките и тоа наиде на позитивни реакции.

Хипи комуната минатата недела на голем вечерен собир ритуално го одбележа појавувањето на феноменот „сина месечина“ со палење оган и меѓусебно дружење.

Околу локацијата и надлежноста од НП „Маврово“ посочуваат дека месноста односно локацијата под локалниот пат село Леуново – село Ниќифорово е приватна сопственост и сметаат дека сопствениците имаат право да реагираат за користење на приватниот имот. згм/сст/

фото МИА архива

 

Остани поврзан