• недела, 22 декември 2024

Хипер: Од 10 ноември почнува примената на автоматската гранична проверка во Шенген зоната 

Хипер: Од 10 ноември почнува примената на автоматската гранична проверка во Шенген зоната 

Брисел, 3 септември 2024 (МИА) - Новиот систем за автоматска гранична проверка при влез и излез во Шенген зоната (ЕЕС) ќе стапи во сила на 10 ноември, потврди денеска портпаролката на Европската комисија за внатрешни работи, миграција и безбедност Анита Хипер. 

- Со новиот систем повеќе нема да има рачна контрола на пасошите и со ова ќе се намалат редиците на границите, истакна Хипер, додавајќи дека Еврокомисијата очекува во текот на овој месец да добие потврда од земјите членки дека се подготвени за имплементација на новиот систем. 

ЕЕС предвидува граничните службеници да ги идентификуваат лицата на границите со автоматизирани проверки на нивниот идентитет со помош на ИТ систем кој ќе содржи информации за името на лицето, видот на патниот документ, неговите биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) и датумот и местото на влез и излез од Шенген зоната. 

При првиот влез или излез по воведувањето на ЕЕС системот од лицата од трети земји што не се членки на ЕУ ќе се бара да остават отпечатоци од прстите и да се фотографираат на граничниот премин, податоци кое ќе се чуваат три години, со што при следниот влез или излез ќе нема потреба од повторување на оваа постапка. 

Доколку лице од трета земја одбие да ги остави овие податоци нема да му биде дозволен влез во Шенген зоната. 

Новиот систем ќе се применува на границите на сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Ирска и Кипар, како и на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. При влез и излез од Ирска и Кипар и натаму ќе се врши проверка како и досега и патниците ќе добиваат печати во своите пасоши. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан