Хименез нов миленик на „росонерите“: За ова сонував
- Младиот Сантијаго Хименез му донесе победа на Милан против Верона и тргна по стапките на славниот Андриј Шевченко.

Милано, 16 февруари 2025 (МИА) - Младиот Сантијаго Хименез му донесе победа на Милан против Верона и тргна по стапките на славниот Андриј Шевченко.
Милан, уморен од мечот со Феенорд во Ротердам (0:1) во баражот за осминафиналето на Лигата на шампионите, и гостуваше на Верона во Серија А и успеа да ја скрши одбраната на гостите дури во 75. минута со голот на Мексиканецот.
Хименез, зимско засилување на Феенорд, за првпат во кариерата беше стартер во меч од Серија „А“, а токму неговиот гол му помогна на Милан да ги освои трите бода.
-Многу сум среќен. Ова е нешто за што сонував. Поминувам низ убав период во кариерата. Ми помогнаа соиграчите и сите сме среќни поради победата, изјави 23-годишниот фудбалер со аргентинско потекло за италијанските медиуми.
Ова беше само втор натпревар за Хименез во Серија „А“, тој постигна гол и на првиот, а потоа влезе како замена во победата против Емполи (2:0).
Во секој случај, тој стана третиот фудбалер во историјата на Милан кој постигнал гол на секој од неговите први два меча во Калчото.
Екипата на Милан ја очекува реванш против Феенорд на „Сан Сиро“, а Хименез има уште една голема можност да се докаже против својот поранешен клуб.
-Ќе биде тешко, тие се одличен тим, но ние сакаме да продолжиме во Лигата на шампионите. Ова е Милан, ова е моментот кога тимот дава се од себе, изјави Сантијаго Хименез, пренесува „Фудбал Италија“.
Натпреварот Милан – Феенорд е закажан за вторник. дс
Фото: Принтскрин