• петок, 22 ноември 2024

Хидрантите во „Глобал“ биле неупотребливи

Хидрантите во „Глобал“ биле неупотребливи
Струмица, 5 јануари 2021 (МИА) - Екипа од пожарникари влегува во ТЦ „Глобал“ од кај гаражите барајки ги хидрантите и се утврдува дека тие се неупотребливи, поради што сите противпожарни возила мораат да ротираат кон базата за полнење вода и се губи драгоцено време и енергија, стои меѓу другото во извештајот на ТППЕ Струмица за текот и гаснењето на пожарот, кој е објавен на нивната официјална фејсбук страница. Наводите во извештајот ги потврди и командирот на струмичките пожарникари, Александар Гудев, кој вели дека објавениот извештај дава реална слика за избувнувањето на пожарот и текот на гаснењето. Пожарот во „Глобал“ избвувна ноќта на 2 овој месец, а е пријавен во 23:12 часот. -По дојава дека е запален делот за доставување на стока во ТЦ „Глобал“ со влез од улица „Васил Сурчев“, ТППЕ Струмица веднаш излезе на местото со едно противпожарно возило и 5 пожарникари. Увидено е дека речиси целото приземје е зафатено со голем пожар во разгорена фаза. Поставена е линија и веднаш е дејствувано од тој влез. Веднаш потоа е известен командирот на ТППЕ Струмица, кој наредува целосна мобилизација на сите пожарникари спасители, кои ги напуштаат своите домови и се упатуваат кон базата. Во меѓувреме од базата тргнува уште едно возило со останатите пожарникари, кои во тој момент се на должност во ноќната смена и се поставува на влезот во трговскиот центар на улица „4 Јули“, каде се кршаат стаклата на влезовите и почнува да се дејствува и од тој влез. Како што пристигнуваат другите пожарникари, се испраќат уште две возила кон главниот влез од улица „Ленинова“ каде што почнува да се дејствува кон дел од дуќаните кои имаат излез од надворешната страна, се наведува во извештајот. Во меѓувреме, заради големината на пожарот, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, побарал помош од противпожарните единици од Радовиш, Валандово, Кавадарци и Штип, а вклучени се и цистерни со вода од ЈПКД „Комуналец“. -Пожарот во внатрешноста беснее со огромни размери, температурата се мери во стотици степени, видливоста е еднаква на нула, кислород во внатрешноста еднаков на нула. Секое вдишување на чад повеќе од 15 секунди предизвикува несвестица и подоцна смрт. Двајца пожарникари, кои во тој момент влегуваат во „Глобал“ почнуваат да чувствуваат слабост и нагон за повраќање. Од страна на екипи на брза помош им се укажува помош при што едниот од нив се препраќа кон болницата во Струмица и прима инфузија, додека другиот по негово барање се враќа на должност, стои во описот на пожарникарите. Во првите 30 минути од гаснењето на пожарот целата единица од Струмица веќе дејствувала од сите три влезови. Успешно го спречиле ширењето на пожарот кон вториот кат од надворешната страна со поставување на скали. Од влезот од улицата „Васил Сурчев“ и улица „Ленинова“ екипи на пожарникари со специјални изолациони апарати за дишење влегле внатре и успеале да го спречат ширењето на пожарот кон јужната страна, кон булеварот „Маршал Тито“. Во внатрешноста на „Глобал“ паѓале секакви материјали од покривот и терасите што во голема мера го забавувало движењето на екипите кои во тој момент биле таму, а во меѓувреме пристигнале и екипите од другите градови и активно се вклучиле во гаснењето на пожарот од сите три локации. По ова успешно било спречено опожарувањето на преостанатиот дел од приземјето и дуќаните, како и останатите катови. Пожарот конечно е локализиран и изгаснат во 03:50 часот. На крајот од извештајот ТППЕ Струмица искажува голема благодарност кон сите пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот и покажале голема храброст, оставaјки ги своите семејства без сон таа ноќ. Изразуваат благодарност и за поддршката од сите медиуми, граѓани и институции и голема жал за сите кои претрпеа огромни штети. рт/мд/

Остани поврзан