• четврток, 21 ноември 2024

Хет-трик на Барди за убедлив триумф на македонската репрезентација против Ерменија

Хет-трик на Барди за убедлив триумф на македонската репрезентација против Ерменија
Ереван, 11 ноември 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја победи Ерменија со убедливи 5:0 во дуел од 9. коло во Мундијалските квалификации. Избраниците на селекторот Благоја Милевски во Ереван демонстрираа моќ и со сигурна игра во текот на целиот натпревар заслужено стигнаа до трите бода. Резултатот го отвори Александар Трајковски во 22. минута по асистенцијата на Стефан Ашковски. До крајот на првото полувреме Енис Барди постигна гол по асистенцијата на Елиф Елмас за зголемување на предноста на 2:0. Барди погоди уште два пати од пенал во второто полувреме. Најпрво го реализира пеналот во 66. минута направен токму врз него, а во 89. минута го погоди пеналот направен над Езѓан Алиоски. Во меѓувреме гол даде и Милан Ристовски во 79. минута по втората асистенција на Елмас. По оваа победа, Македонците ги задржаа шансите за пласман во баражот. Сега ќе се надеваме на „кикс“ на Романија во еден од преостанатите два натпревара до крајот на квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар. Вечерва со почеток во 20:45 часот се играат другите два натпревара од 9. коло во Ј-групата: Романија – Исланд и Германија – Лихтенштајн. Германците се први на табелата со 21 бод (8 натпревари), македонската репрезентација е втора со 15 бода (9 натпревари), следуваат Романија 13 (8), Ерменија 12 (9), Исланд 8(8) и Лихтенштајн 1 (8). зс/

Остани поврзан