• петок, 22 ноември 2024

Херцог предложи компромис за реформата на правосудството, Нетанјаху експресно го одби

Херцог предложи компромис за реформата на правосудството, Нетанјаху експресно го одби

Ерусалим, 16 март 2023 (МИА) – Израелскиот претседател, Исак Херцог, синоќа го претстави својот план за надминување на спорот за иднината на судскиот систем во земјата, заради кој последните два месеци има жестоки протести и политичка криза во земјата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш го отфрли планот, пред неговото заминување за Берлин, изјавувајќи дека планот не се занимава со нерамнотежата меѓу гранките на власта.

-Тоа е несреќна вистина, рече Нетанјаху, наведувајќи дека коалицијата не се согласува со тоа што го предложи претседателот, туку дека централните елементи на предлогот што тој го понуди само ја потврдија постојната ситуација, пренесоа израелските медиуми.

Со оглед на првата реакција на Нетанјаху, се чини, дека планот на претседателот нема да го надмине ќор-сокакот што настана во земјата и предизвика меѓународни критики.

Херцог навести дека опстанокот на Израел зависи од постигнувањето компромис.

-Амбисот е на дофат, рече израелскиот претседател, предупредувајќи на опасност од граѓанска војна, пренесуваат американските медиуми.

Херцог го претстави компромисот по повеќе од два месеци масовни протести во кои учествуваа десетици илјади Израелци и критики од бизнис лидери, економисти, правни експерти и воени резервисти против планот на Нетанјаху за реформи во правосудниот систем.

Планот за редорма на правосудниот систем ќе му даде на парламентарното мнозинство на Нетанјаху моќ да ги поништи одлуките на Врховниот суд и овластување за сите судски назначувања.

Поддржувачите на реформата велат дека таа е потребна за да се ограничи прекумерното влијание на неизбраните судии врз националната политика.

Критичарите, пак, предупредуваат дека реформата ќе го уништи чувствителниот израелски систем на контроли и рамнотежи и дека Нетанјаху, кому му се суди под обвинение за корупција, е во конфликт на интереси.

Врз основа на предлогот на Херцог, парламентот нема да може да ги поништи пресудите на Врховниот суд. Судиите, сепак, нема да можат да ги укинуваат главните закони познати како „Основни закони“,, што служат како еден вид Устав.

За носење основни закони или нивна промена ќе биде потребно големо парламентарно мнозинство од 80 од вкупно 120 пратеници место досегашното просто мнозинство. Врховниот суд ќе ја задржи надлежноста да ги разгледува донесените закони доколку биде поддржан од најмалку осум судии од тој суд, при што 11 од нив ќе учествуваат во одлуката.

Комитетот составен од пратеници од коалицијата и опозицијата, судии и претставници на јавноста ќе биде одговорен за назначувањето на судиите.

Назначувањето би барало широк консензус и ниту една страна нема да има право на вето.

-Тоа не е план на претседателот. Тоа е план на нацијата. Нема победничка, ниту губитничка страна, рече Херцог. сд/

 

Остани поврзан