• недела, 22 декември 2024

Херцог го негираше учеството на Тел Авив во операцијата за детонација на пејџери во Либан

Херцог го негираше учеството на Тел Авив во операцијата за детонација на пејџери во Либан

Тел Авив, 22 септември 2024 (МИА) - Израелскиот претседател Исак Херцог, говорејќи за британската телевизија Скај њуз, негираше вмешаност на Тел Авив во операцијата за детонација на пејџер во Либан.

-Негирам каква било вмешаност во оваа или онаа операција, рече Херцог.

Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел „го погодил Хезболах на начин што не можеле ни да го замислат“.

-Ако членовите на Хезболах не ја разбрале пораката, ви ветувам, ќе ја сфатат, рече Нетанјаху и повтори дека жителите на северен Израел ќе се вратат во своите домови откако ќе бидат евакуирани поради заканите на Хезболах од Либан.

Утринава Хезболах од либанска територија истрела 85 ракети врз северен Израел, при што беа повредени три лица, додека израелските сили вршат нов бран воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан и се закануваат дека ќе ги интензивираат нападите.

Во исто време, медиумите претходно објавија дека Израел бил директно вклучен во подготовката на операцијата, а како што пренесува Еј-Би-Си Њуз, операцијата за детонација на пејџер во Либан била планирана најмалку 15 години.

Хезболах соопшти дека го смета Израел за „целосно одговорен“ за нападот и дека ќе одговори на него.

Израелските власти се уште не го коментираа инцидентот, ниту пак ја презедоа одговорноста. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан