• недела, 22 декември 2024

Хенри Кисинџер: Дипломат кој предизвикуваше поделби и ги обликуваше светските случувања

Хенри Кисинџер: Дипломат кој предизвикуваше поделби и ги обликуваше светските случувања

1 декември 2023

(Би Би Си)

Хенри Кисинџер - почина на 100 години во неговиот дом во Конектикат - поделени мислења.

 

Посветен практичар на „реализмот“ во надворешните односи, тој беше награден со Нобеловата награда за мир и остро критикуван како воен злосторник.

Како советник за национална безбедност на САД и државен секретар, тој енергично ја спроведуваше политиката на детант - што ги одмрзна односите со Советскиот Сојуз и Кина.

Неговата шатл-дипломатија помогна да се стави крај на арапско-израелскиот конфликт во 1973 година, а преговорите за Парискиот мировен договор ја извлекоа Америка од долгиот кошмар во Виетнам.

Но, она што неговите поддржувачи го опишаа како „Реалполитика“, неговите критичари го осудија како неморално.

Тој беше обвинет за - во најмала рака - премолчена поддршка на крвавиот пуч што ја собори левичарската влада во Чиле и за замижување пред „валканата војна“ на аргентинската војска против нејзиниот народ.

Кога слушна дека на Кисинџер му беше доделена Нобеловата награда, комичарот Том Лерер славно изјави дека „политичката сатира е застарена“.

 

Бегање од нацистичка Германија

 

Хајнц Алфред Кисинџер е роден во еврејско семејство од средна класа во Баварија на 27 мај 1923 година.

Семејството успеа да избега од нацистичкиот прогон, и се приклучи на германско-еврејската заедница во Њујорк во 1938 година.

„Хенри“ беше срамежлив тинејџер, кој никогаш не го изгуби акцентот и љубовта кон фудбалот.

Посетувал средно училиште ноќе, додека дење работел во фабрика за четки за бричење. Планирал да студира сметководство, но бил повикан во војска.

Распореден во пешадијата, неговиот мозок и јазични вештини беа забалежани и користени од воено-разузнавачката служба. Кисинџер виде акција во Битката кај Булге и се најде во ситуација да раководи со градот окупиран од Германците - и покрај тоа што имаше само чин војник.

Кон крајот на војната, тој се приклучи на Контра-разузнавачката служба. На 23-годишниот Кисинџер му беше даден тим да ги лови поранешните офицери на Гестапо, со апсолутна моќ да апси и приведува осомничени.

 

Мали нуклеарни војни

 

По враќањето во САД студираше политички науки на Харвард и се искачуваше на академската скала.

Во 1957 година, објави книга - Нуклеарната војна и надворешната политика, во која се вели дека ограничена атомска војна може да се добие. Искажано со антискептичен јазик, тој тврдеше дека „тактичката“ и „стратешката“ употреба на новиот тип мали атомски бомби може да биде рационална.

Книгата му помогна да биде забележан. Започна долгиот марш на Кисинџер кон славата и влијанието, а теоријата за „мала нуклеарна војна“ сè уште е влијателна.

Тој стана помошник на гувернерот на Њујорк и претседателски кандидат Нелсон Рокфелер. А кога Ричард Никсон ја освои Белата куќа во 1968 година, на Кисинџер му беше понудена функција: советник за национална безбедност.

Тоа беше сложен однос. Претседателот се потпираше на советите на Кисинџер за меѓународните односи, но беше склон кон антисемитски испади и сомнеж кон американските Евреи.

Студената војна беше на врвот: Армагедон само што беше избегнат над Куба, американските трупи сè уште беа во Виетнам, а советските сили влегоа во Прага.

 

Детант

 

Но, Никсон и Кисинџер одлучија да ја намалат тензијата со Советскиот Сојуз, оживувајќи ги преговорите за кратење на  нуклеарните арсенали.

Истовремено, беше отворен дијалог со кинеската влада, преку премиерот Жу Енлаи. Тоа ги подобри кинеско-американските односи и изврши дипломатски притисок врз советското раководство, кое се плашеше од нивниот огромен сосед.

Напорите на Кисинџер доведоа директно до историското патување на Никсон во Кина во 1972 година, кога ги запозна Жу и Мао Це Тунг - и стави крај на 23-годишната дипломатска изолација и непријателство.

 

Виетнам и Камбоџа

 

Во меѓувреме, САД се обидуваа да се извлечат од Виетнам.

„Мир со чест“ беше клучното изборно ветување на Никсон, а Кисинџер долго време велеше дека какви било воени победи на САД се бесмислени, бидејќи тие не можат „да постигнат политичка реалност која би можела да го преживее нашето (американското) конечно повлекување“.

Тој влезе во преговори со Северен Виетнам, но се согласи со Никсон за тајни бомбардирања на неутрална Камбоџа, во обид да ги лиши комунистите од војници и залихи.

Севкупно, САД фрлија повеќе од 2 милиони тони бомби низ Камбоџа и испратија илјадници војници, што поттикна насилни протести дома.

Повеќе од 50.000 цивили беа убиени во земјата, која е приближно една третина од големината на Франција, а милиони ги напуштија своите домови. Дестабилизацијата помогна да се создаде бруталниот режим на Пол Пот и движењето на Црвените Кмери, озлогласени по своите „полиња на смртта“.

За време на макотрпната серија преговори со Виетконг во Париз, Кисинџер - тогаш државен секретар - преговараше за повлекување на американската војска од Јужен Виетнам.

Тоа му ја донесе Нобеловата награда за мир - заедно со Ле Дук То од Северен Виетнам - одлука жестоко нападната од мировните активисти.

Кисинџер ја прими наградата „со понизност“, а паричната награда ја донираше на децата на американските војници загинати во конфликтот. Две години подоцна, кога комунистичките сили го зазедоа Јужен Виетнам, тој се обиде да го врати.

 

Реалполитика

 

Неговата шатл-дипломатија донесе прекин на огнот по арапско-израелската војна во 1973 година.

Тајниот систем на снимање на Никсон во Белата куќа откри како израелската премиерка Голда Меир иразила благодарност за начинот на кој тој и Кисинџер се однесувале кон нејзината земја.

Но, откако таа заминала, снимките открија потемна Реалполитика. Ниту Кисинџер ниту Никсон немаа намера да вршат притисок врз Советскиот Сојуз да им дозволи на руските Евреи да бараат нов живот во Израел.

„Емиграцијата на Евреите од Советскиот Сојуз не е цел на американската надворешна политика“, рече Кисинџер. „И ако ги стават Евреите во гасни комори во Советскиот Сојуз, тоа не е американска грижа. Можеби хуманитарна грижа“.

Изборот на марксистот Салвадор Аљенде за претседател на Чиле, сепак, ги вознемири Соединетите држави. Новата влада беше прокубанска и ги национализираше американските компании.

ЦИА спроведе тајни операции во Чиле, во обид да им помогне на опозициските групи да ја соборат новата влада. Кисинџер претседаваше со комитетот кој ја одобри акцијата.

„Не гледам зошто треба да стоиме на страна и да гледаме како една земја станува комунистичка поради неодговорноста на нејзиниот народ. Прашањата се премногу важни за чилеанските гласачи да бидат оставени сами да одлучуваат“, рече тој.

На крајот, се вклучи војската, а Аљенде умре во насилен државен удар со кој генералот Пиноче ја презеде власта. Се покажа дека многу од неговите војници биле платени од ЦИА.

Во подоцнежните години, самиот Кисинџер ќе биде прогонуван од голем број судови кои ќе истражуваат злоупотреба на човековите права и смртта на странски државјани под воениот режим.

Една година подоцна, Кисинџер гледаше како расплаканиот Ричард Никсон ја напушта Белата куќа - поради скандалот Вотергејт. Неговиот наследник Џералд Форд го задржа Кисинџер како државен секретар.

Тој изврши притисок врз владата на белото малцинство во Родезија да се откаже од власта, но беше обвинет дека ги игнорира „исчезнувањата“ на критичарите на аргентинската хунта.

 

Моќ: Врвен афродизијак

 

Кисинџер го следеа контроверзи откако ја напушти функцијата во 1977 година: понудената катедра на Универзитетот Колумбија беше повлечена по протестите на студентите.

Тој стана силен критичар на надворешната политика на Џими Картер и Бил Клинтон, тврдејќи дека претседателите сакаат пребрз исчекор кон мир на Блискиот Исток. За Кисинџер, тоа може да се случи само инч по инч.

По 11 септември, тогашниот претседател Џорџ Буш го замоли да ја води истрагата за нападите на Њујорк и Вашингтон, но тој беше принуден да се повлече во рок од неколку недели откако одби да ја открие листата на клиенти на неговата консултантска куќа и да одговори на прашања за конфликт на интереси.

Одржа состаноци со претседателот Буш и со потпретседателот Дик Чејни за да ги советува за политиката во Ирак по инвазијата во 2003 година. „Победата над бунтот“, им рече тој, „е единствената излезна стратегија“.

Секогаш влијателен, тој го информираше Доналд Трамп за надворешните работи по неговиот избор во 2017 година, сугерирајќи, меѓу другото, прифаќање на окупацијата на Крим од страна на рускиот претседател Владимир Путин. Иако, до моментот кога наполни 100 години во 2023 година, го промени своето мислење за Украина. По руската инвазија, тој тврдеше дека земјата на претседателот Володимир Зеленски треба да се приклучи на воената алијанса на НАТО откако ќе се обезбеди мир.

Хенри Кисинџер имаше огромна листа на контакти и остар ум. „Моќта“, како што често сакаше да каже, „е врвниот афродизијак“.

Тој се најде во центарот на моќта за време на најважните настани од минатиот век.

На гнев и незадоволство на многумина, тој не се покаја за неговото стриктно следење на интересите на САД и одбраната на начинот на живот на земјата што го прифатила.

„Земја која бара морално совршенство во својата надворешна политика“, изјави тој еднаш, „нема да постигне ниту совршенство ниту безбедност“.

Фото: ЕПА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан