Хезболах и дава доверба на новата либанска влада
- Либанското движење Хезболах, ослабено од неодамнешната војна со Израел, денеска и ја даде довербата на новата либанска влада, која вети дека ќе и даде на државата да има монопол на оружјето.
Бејрут, 25 февруари 2025 (МИА) - Либанското движење Хезболах, ослабено од неодамнешната војна со Израел, денеска и ја даде довербата на новата либанска влада, која вети дека ќе и даде на државата да има монопол на оружјето.
-Ја даваме нашата доверба на владата, надевајќи се дека таа ќе се истакне со својата мудрост и добро владеење, рече шефот на парламентарната група на Хезболах, Мохамед Рад, за време на дводневната парламентарна седница што започна денеска.
Рад рече дека Хезболах сака да соработува што е можно повеќе за зачувување на суверенитетот и стабилноста на земјата.
Во Либан беше формирана влада на почетокот на февруари, со што беше ставен крај на повеќе од двегодишното привремено владеење во земјата ослабена од неодамнешната војна меѓу Израел и Хезболах.
Шиитското движење беше значително ослабено за време на конфликтот, кој заврши со прекин на огнот на 27 ноември.
Израел уништи голем дел од арсеналот на Хезболах и уби многу од неговите водачи, оставајќи го Хезболах изолиран на либанската политичка сцена, на која долго време доминираше.
Премиерот Наваф Салам вети денеска дека ќе го „прошири суверенитетот на државата на целата нејзина територија, исклучиво со свои сили“ и „да ја распореди армијата во меѓународно признатите либански погранични области“.
Откако истече рокот за повлекување од јужен Либан со прекин на огнот, Израел го задржа своето присуство на пет „стратешки“ точки на границата, потег што го осудија Либан и Хезболах.
Салам рече дека владата „ќе ги преземе сите неопходни мерки за ослободување на целата либанска територија од израелската окупација“.
Додека војната ги опустоши упориштата на Хезболах, владата вети дека ќе создаде фонд за реконструкција, сметајќи на странска финансиска помош. Земјата е втурната во економска криза од 2019 година.
Салам повторно вети дека ќе донесе надворешна политика која ќе ја штити земјата од странски влијанија. мс/
фото: МИА архива