• вторник, 05 ноември 2024

„ХБО макс“ засега нема да ги тргне филмовите на Вуди Ален

„ХБО макс“ засега нема да ги тргне филмовите на Вуди Ален
Лос Анџелес, 24 февруари 2021 (МИА) - Продукциската куќа ХБО нема намера, од својата стрим-платформа да ги тргне филмовите на Вуди Ален по новата документарна серија „Ален против Фароу“ која фрла ново светло врз наводите дека режисерот е сексуален напасник. На платформата „ХБО макс“ во мигов има шест филма на Вуди Ален: „Broadway Danny Rose“ (1984), „Radio Days“ (1987), „September“ (1987), „Another Woman“ (1988), „Shadows and Fog“ (1991) и „Scoop“ (2006). Неговата поранешна девојка Мија Фароу се појавува во сите филмови, освен во последниот. „Овие наслови ќе останат достапни во изборот, па гледачите може да донесат свои одлуки за прикажување на дело, врз податоците што ги знаат“, соопшти ХБО. Документарецот „Ален против Фароу“, од кој досега, во неделата е прикажан првиот од четирите дела, го прикажува времето кога Ален (85) и Фароу беа заедно и успешни во 1970-тите и 80-тите, но и неговата врска со една од посвоените ќерки на Фароу - Сун-Ји, за која подоцна режисерот и се ожени. Се говори и за исто толку старото тврдење дека Ален сексуално ја злоставувал нивната заедничка посвоена ќерка - Дилан, што Ален го одрекува. За тоа, никогаш не беа покренати обвиненија. Ален смета дека документарецот еднострано ја прикажува приказната и дека, наводно, му биле дадени „малку денови да одговори“ со свое видување, како што вели во неговото соопштение за медиумите. Режисерот се раздели од Фароу во 1992., а во 1997 година се ожени со Сун-Ји Превин, ќерката на неговата претходна невенчана патнерка, и сега заедно имаат две посвоени деца.  си/сд/

Остани поврзан