• петок, 22 ноември 2024

Хаџи Василева: Се надевам дека на наредното рочиште конечно ќе се соочиме во судница на судењето за Жан Митрев

Хаџи Василева: Се надевам дека на наредното рочиште конечно ќе се соочиме во судница на судењето за Жан Митрев

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Се надевам дека наредното рочиште конечно ќе почнеме да се соочиме во судница, како што е редот, како што предвидел Законот, каде единствено можеме да ги изнесувам фактите, доказите, изјави обвинителката Искра Хаџи Василева по денешното одложување на судењето против Жан Митрев.

Според обвинителката, повторното одложување е неразумно.

- Со широко отворени очи, ова го велам бидејќи се забележува тенденција пред секое рочиште, да се изнесуваат од страна некакви постојани невистини една од тие е и увидот на доказите кои одат кон линија на притисок кон институциите и кон Судот. Особено не е во ред кога доаѓаат коментари од некои, па и правници гледам, судењето не е ни почнато. Не е разумно и неразбирливо, смета таа.

Адвокатот Никола Додевски, бранител на обвинетиот Жан Митрев, рече дека им било потребно да се борат за да го добијат правото на време за соодветна одбрана, наместо, тоа, како што рече, да го добијат со обичен поднесок.

- За жал, тоа е трошење енергија на нешто што Законот го гарантира и Конвенцијата за човекови права, но конечно гледате колку време чекате, неколку часа ни требаше да го убедиме Судот. Еве конечно јавниот обвинител не се спротивстави, да ни одобри да го проучиме предметот доволно време, за да можеме да подготвиме одбрана, рече тој.

Додевски дополни дека за 15 дена ќе се обидат да завршат, како што рече „да го подготвиме Жан, бидејќи вистината ја подготвува одбраната“.  

Според адвокатот Асмир Алиспахиќ, полномошник на оштетените, денешната расправа е обид за лична дискредитација  од страна на одбраната, што, според него, како што рчее, е недозволиво, и оти смета дека секој учесник во постапката треба да се однесува професионално законито и кон почитување на секоја страна во постапката.

- Сметам дека во конкретнава ситуација Судот постапи професионално во делот на обезбедување на дополнителен термин за увид на одбраната, а како конечно би почнале во пуштање на доказите коишто се доставени  од страна на Обвинителството, рече тој.  

Првото насрочено рочиште за овој предмет беше закажано за 28 февруари, но, се одложи поради тоа што обвинетиот ангажирал нови бранители. Потоа, рочиштето беше насрочено за 5 април, кога повторно не се одржа, а причина беше тоа што одбраната, како што посочија своевремено, „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои сѐ уште се во Апелација“. 

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапаник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судењето продолжува на 13 јуни.ар/лв/

 

Остани поврзан