• четврток, 21 ноември 2024

Харис го предизвика Трамп на втора дебата во октомври

Харис го предизвика Трамп на втора дебата во октомври

Вашингтон, 11 септември 2024 (МИА) - Претседателската кандидатка на американските демократи, Камала Харис, го покани републиканскиот противкандидат, Доналд Трамп, на нова, втора предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првата дебата меѓу двајцата кандидати на ТВ Еј-Би-Си Њуз (ABC News).

„Под силните светла, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи оваа есен на гласачките места, помеѓу напредување со Камала Харис и уназадување со Трамп. Тоа го видоа вечерва и што треба да го видат на втората дебата во октомври“, се наведува во соопштението на кампањата на Камала Харис.

Како што додаваат од нејзиниот табор, Харис е подготвена за втората дебата, пренесе Еј-Би-Си Њуз.

Трамп, од своја страна, во првичната реакција на поканата рече дека демократите сакаат уште една дебата затоа што ноческа „изгубиле“, додавајќи дека ќе го преиспита предизвикот.

Фокс Њуз соопшти дека предложил одржување втора претседателска дебата во октомври, додавајќи дека се испратени писма до кампањите на кандидатите пред нивната синоќешна дебата.

Следната претседателска дебата не е закажана, додека дебатата меѓу потпретседателските кандидати Џеј-Ди Венс и Тим Волц ќе се одржи на 1 октомври.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан