• петок, 05 декември 2025

Хамас негира дека ослободувањето на американскиот заложник било поврзано со притисок од израелската војска

Хамас негира дека ослободувањето на американскиот заложник било поврзано со притисок од израелската војска

Газа, 13 мај 2025 (МИА) - Палестинското движење Хамас денеска негираше дека ослободувањето на израелско-американскиот заложник Едан Александар е поврзано со израелски воен притисок, како што изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Враќањето на Едан Александар е резултат на сериозна комуникација со американската администрација и напорите на медијаторите, а не резултат на израелска агресија или илузија за воен притисок“, се наведува во соопштението на исламистичката милитантна група.

Хамас го ослободи Едан Александар вчера попладне по повеќе од 19 месеци заробеништво во Појасот Газа.

Нетанјаху вчера изјави дека ослободувањето на 21-годишниот војник е резултат на „победничка комбинација од воен притисок од Израел и политички притисок од администрацијата на Доналд Трамп“.

Откако минатата недела учествуваше во разговорите со американски претставници за прекин на огнот во Појасот Газа, Хамас во неделата објави дека ќе ослободи еден израелско-американски заложник.

Палестинското движење изјави дека ослободувањето на заложниците е резултат на сериозни преговори, за време на кои верува дека тој бил флексибилен.

Александар, кој беше последниот жив заложник со американско државјанство во Газа, беше киднапиран додека служеше во воена база во јужен Израел за време на напад на Хамас на 7 октомври 2023 година. До неговото ослободување дојде пред денешниот почеток на турнејата на Трамп на Блискиот Исток. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан