Хакан ќе претседава со седницата на ОИЦ во Саудиска Арабија
- Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан ќе претседава со средбата на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), што ќе се одржи во Џеда, Саудиска Арабија на 25 август
Анкара, 22 август 2025 (МИА) – Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан ќе претседава со средбата на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), што ќе се одржи во Џеда, Саудиска Арабија на 25 август.
Турција сега е ротирачки претседател со ОИЦ. Тема на состанокот во Џеда ќе биде ситуацијата во Појасот Газа, а се очекува Фидан да го претстави ставот на Турција за војната во палестинската енклава. Анкара ги осудува израелските операции во Појасот Газа, а ситуацијата ја оценува како хуманитарна катастрофа.
Според турските медиуми, Хакан ќе го повтори ставот на официјална Анкара дека е невозможно изнаоѓање на решение само со учество на Израел и Палестина, како и оти Турција не поддржува иселување на Палестинците. Тој исто така ќе апелира до меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел,
Турција е непоколеблива дека нема да ги затвора очите пред политиките на Израел за раселување на Палестинците од Газа и дека постигнувањето траен и праведен мир бара признавање на Палестина. Затоа, земјата ќе ја изрази својата континуирана силна поддршка за планот на Организацијата за исламска соработка и на Арапската лига за обнова на Појасот Газа, наведуваат турските медиуми.
Последната средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ОИЦ беше во Истанбул на 21 и 22 јули, кога Турција го презеде едногодишното претседателство со Организација.
ОИЦ е меѓународна организација со постојана делегација во Обединети нации, во која членуваат 57 земји каде што исламот е државна, мнозинска или малцинска религија. Првата исламска конференција на министри за надворешни работи е одржана во март 1970 година во Џеда.
ОИЦ, според повелбата, се залага за исламска солидарност помеѓу земјите-членки; за зајакнување на соработката во сите сфери; отстранување на расната дискриминација и колонијализмот; мир и безбедност засновани на правда; поддршка на борбата на Палестинците за остварување на нивните права и ослободување на нивната територија; поддршка за сите муслимани кои се борат да го зачуваат своето достоинство, независност и национални закони и за соработка и разбирање меѓу земјите-членки и другите држави. ми/
фото: ЕПА