• петок, 22 ноември 2024

Фудбалскиот турнир по повод Духовден ги врати сеќавањата на постарите жители за некогашните времиња

Фудбалскиот турнир по повод Духовден ги врати сеќавањата на постарите жители за некогашните времиња
Делчево, 20 јуни 2021 (МИА) - Делчевското село Град по пауза од една година повторно заживеа за празникот Духовден кој е соборен ден во селото. Постарите жители велат дека тоа е така најмногу благодарение на олеснувањето на мерките за заштита од Ковид-19 како и фудбалскиот турнир кој се организираше по тој повод. За Шефки Мингаров еден од ретките Турци во селото, добро е што се дозволи селото да живне, бидејки повеќе од една година како што додаде, во селото ништо не се случуваше.
-Многу убаво е да се види толку многу народ кој се собра денес на соборниот ден. Пред тоа немаше ништо и затоа е добро што се олеснија мерките народот да се ,,извиди" меѓу себе, вели Мингаров.
Фудбалскиот турнир ги врати сеќавањата на Мингаров за некогашните времиња, кој гледајки ги сите натпревари кои се одиграа на спортското игралиште пред подрачното училиште во село Град, се потсети на времињата кога и тој бил фудбалер. За неговата генерација вели дека била едно од најдобрите во седумдесетите, поткрепувајки го фактот со тоа што дел од таа екипа настапувале и за ФК ,,Брегалница" од Делчево.
-На времето овде имаше многу народ, се собиравме по 30 екипи во мал фудбал. Доаѓаа екипи од Берово, Каменица и од многу места. Од тие со кои игравме најмногу впечаток ми остави тогашната екипа од Тработовиште, додека нашата генерација што играше за Брегалница од 1960 до 1965 година, беше најдобра екипа, се присети Мингаров.
Освен турнирот во мал фудбал, на Духовден забележлива беше и традиционалната посета по домовите во селото Град, која во минатото беше уште покарактеристична. Најмладите го искористија денот да ја посетат Тврдината Градиште, додека повозрасните по обичај наздравија со чашка ракија и добро мезе, потсетувајки се на поранешните години, кои според нив се одлично сеќавање на едни поубави времиња. вс/сст/

Остани поврзан