• понеделник, 18 ноември 2024

Фронтекс: Илегалните преминувања на границите на ЕУ од јануари се намалени за 42 отсто

Фронтекс: Илегалните преминувања на границите на ЕУ од јануари се намалени за 42 отсто

Брисел, 15 октомври 2024 (МИА) – Бројот на илегални гранични премини на Европската унија е намален за 42 отсто од јануари во споредба со истиот период минатата година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Според податоците на Фронтекс, најзначајно намалување е забележано на трасата преку Западен Балкан – со 79 отсто, како и преку Централниот Медитеран – намалување за 64 проценти.

Низ Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска, агенцијата пријавила 16.698 илегални премини.

Во истиот период, илегалните премини од Западна Африка се двојно зголемени, а долж источната копнена граница на ЕУ, односно источно од Полска, тие се речиси тројно зголемени или за 192 отсто.

- Податоците го земаат предвид бројот на откриени илегални премини, бидејќи едно исто лице може да ја премине надворешната граница на ЕУ неколку пати и на различни места, прецизира Фронтекс.

Според агенцијата, повеќето од мигрантите и бегалците кои ја минуваат границата се пресретнати во Средоземното Море и во Ла Манш на пат кон Британија.

Од јануари до септември, во централниот дел на Медитеранот, особено преку Италија се регистрирани 47.710 илегални премини. 45.610 биле пријавени во источниот Медитеран преку Турција или Грција, а 11.483 во западниот Медитеран кон Шпанија.

Во Ла Манш, бројот на откриени нелегални преминувања се зголемил на 47.514 во периодот од јануари до септември.

Од Западна Африка биле откриени 30.616 илегални преминувања.

По должината на источните копнени граници на ЕУ – вкупно околу 6.000 километри – меѓу ЕУ и Белорусија, Молдавија, Украина, балтичките земји, Полска, Романија, Норвешка и Русија, бројот на илегални преминувања во тој период достигна 13.195.

Трите главни земји на потекло на илегалните мигранти долж европските граници се Сирија, Мали и Украина, информира Фронтекс. јт/

Остани поврзан