Фридрих Мерц се надева на трансатлантски договор за слободна трговија
- Во интервју за весникот „Ханделсблат“, Мерц оцени дека било грешка што големата трговска спогодба позната како Трансатлантско партнерство за трговија и инвестиции (ТПТИ) не е реализирана.

Берлин, 12 април 2025 (МИА) - Идниот германски канцелар Фридрих Мерц се изјасни во корист на создавање трансатлантска зона за слободна трговија без царини помеѓу Европа и САД.
Во интервју за весникот „Ханделсблат“, Мерц оцени дека било грешка што големата трговска спогодба позната како Трансатлантско партнерство за трговија и инвестиции (ТПТИ) не е реализирана.
– Да, се надевам на ново трансатлантска спогодба за слободна трговија. Нула проценти царини за сѐ. Тоа би било подобро за двете страни, изјави Мерц, пренесе ДПА.
Неговите коментари доаѓаат во време на драматична и непредвидлива трговска политика на Вашингтон, откако САД воведоа високи царини на увозот од многу земји, а потоа укинаа дел од нив.
Претседателот Доналд Трамп ги прекина преговорите меѓу ЕУ и САД за ТПТИ на почетокот од својот прв мандат во 2017 година и тие останаа замрзнати.
Мерц изјави дека можно е да се најде решение со Трамп, доколку тоа одговара на заедничките интереси. Според него, ЕУ мора да говори со еден глас, да покаже активност и да ги брани своите интереси со самодоверба.
Советникот на Трамп, технолошкиот милијардер Илон Маск, исто така се изјасни во корист на трансатлантска зона за слободна трговија без царини, потсетува ДПА. ссм/
фото: архива