Фридом хаус: Северна Македонија бележи демократски напредок
- Северна Македонија бележи демократски напредок и го зголемила индексот на демократија од 3,75 на 3,82, за разлика од повеќето други земји во регионот, покажува извештајот на Фридом хаус „Наци
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Северна Македонија бележи демократски напредок и го зголемила индексот на демократија од 3,75 на 3,82, за разлика од повеќето други земји во регионот, покажува извештајот на Фридом хаус „Нации во транзиција 2021“.
Сепак, и покрај демократскиот напредок, земјава и натаму е рангирана во групата на „преодни или хибридни режими“. Во категоријата „преодни или хибридни режими“ се опфатени изборни демократии каде демократските институции се кревки и постојат значителни предизвици за заштита на политичките права и граѓанските слободи.
Од земјите во регинот, напредок во индексот на демократија има уште само во Босна и Херцеговина од 3,32 на 3,36, а пад е забележан во Албанија од 3,82 на 3,75, Косово од 3,18 на 3,14, Црна Гора од 3,86 на 3,82, Србија од 3,96 на 3,89 и во Бугарија од 4,54 на 4,50.
Фридом хаус забележува дека државите од целиот регион се одвраќаат од демократијата или се наоѓаат заробени во циклусот на назадувања и делумни закрепнувања. Во извештајот „Нации во транзиција во 2021 година“, што ги опфаќа настаните од 2020 година, вкупно 18 земји бележат пад на индексот на демократија, само шест имаат напредок, а во пет држави состојбата останала непроменета.
Северна Македонија во извештајот е посочена како позитивен пример и земја каде се бележи подобрување на демократијата.
- Во Северна Македонија, левоцентристичката влада на премиерот Зоран Заев поправи дел од институционалната штета нанесена од неговиот десничарски популистички претходник и сè уште има шанса да ги донесе придобивките од демократијата, оценува Фридом хаус.
Се посочува дека успешна демократска приказна особено му е потребна на Балканот, каде се бележи пад на демократските придобивки.
Во извештајот се укажува и на праксата во повеќе земји политичарите популисти да се закануваат и да малтретираат новинари и да шират страв со тврдења дека правата на ЛГБТ луѓето или на етничките и верските малцинства ќе и нанесат штета на мнозинската заедница. Тоа на краток рок може да донесе политички поени, но долгорочно прави штета на демократијата и промовира антидемократски вредности.
Фридом хаус, како случај каде се инструментализира опасна реторика за политичка добивка, го наведува „бугарското националистичко резонирање за блокирање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија“.
Во извештајот насловен „Андидемократски пресврт“ се предупредува и дека нападите врз демократските институции се шират побрзо од кога било во Европа и Евроазија и стануваат предизвик за самата демократија.
- Актуелните лидери и владејачките партии практикуваат коруптивно владеење и шират антидемократски практики низ целиот регион што се протега од Централна Европа до Централна Азија. Овие активности се опортунистички, но честопати се наметнуваат во идеолошка агенда. И како што стануваат сè почести, тие предизвикуваат влошување на условите што може да доведе до глобални последици врз почитувањето на човековите права и слободи.
Во текот на изминатата деценија, меѓу ерозијата на либералниот демократски поредок и подемот на авторитарните режими, идејата за демократија како аспиративна крајна точка започна да ја губи вредноста во многу земји. Неуспехот на институциите да одговорат на постојаните општествени проблеми, зголемената поларизација и растечката нееднаквост ги поттикнаа неизвесноста и гневот, а лошото управување со пандемијата COVID-19 од страна на главните демократии даде дополнителна храна за оние кои се заинтересирани да го искористат разочарувањето од традиционалното демократско управување, се истакнува во извештајот.
Фридом хаус укажува дека, сепак, граѓанското општество, политичките лидери и владите можат да се справат со антидемократските и авторитарни тенденции, застанувајќи во одбрана на демократските вредности. са/сп/