• четврток, 26 март 2026

Францускиот премиер во заминување Лекорну ги обвини партиите за политичка блокада

Францускиот премиер во заминување Лекорну ги обвини партиите за политичка блокада

Париз, 6 октомври 2025 (МИА) - Францускиот премиер во заминување Себастијан Лекорну ги обвини политичките партии во поделеното Национално собрание за создавање политички ќор-сокак, по неговата денешна неочекувана оставка, јави ДПА.

„Политичките партии продолжуваат да се однесуваат како да имаат апсолутно мнозинство во Националното собрание“, изјави Лекорну во соопштение од неговиот кабинет.

Тој додаде дека бил подготвен за компромис, „но секоја партија бара другата да ја прифати нејзината целосна политичка програма“. Лекорну беше на функцијата помалку од четири недели.

Со оглед на тоа што во парламентот нема јасно мнозинство, Лекорну нагласи дека опозициските партии треба да изберат пат на дебата и компромис. – За тоа, мора да се промени односот и да се престане со инсистирање на целосна примена на сопствените програми, порача тој.

Лекорну, исто така, ја критикуваше жестоката борба околу распределбата на министерските места, која, според него, била непосредната причина за оставката. Во Националното собрание, ниту центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон, ниту десницата и левицата немаат мнозинство.

Владата се соочува со потребата да усвои рестриктивен буџет поради растечкото национално задолжување.

По оставката на Лекорну, сè уште не е јасно дали ќе бидат распишани нови избори или Макрон ќе назначи нов премиер. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан