Француската влада денеска пред две гласања за недоверба во парламентот
- Пратениците попладнево ќе расправаат за предлозите поднесени од десничарската партија Национален сојуз на Марин Ле Пен и од левичарската Непокорена Франција. Набљудувачите не очекуваат дека овие иницијативи ќе успеат да ја соборат центристичката влада на премиерот Себастиен Лекорну.
Париз, 14 јануари 2026 (МИА) - Француската малцинска влада денеска ќе се соочи со две гласања за недоверба во парламентот поднесени во контекст на споровите за договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и јужноамериканскиот економски блок Меркосур, јави ДПА.
Пратениците попладнево ќе расправаат за предлозите поднесени од десничарската партија Национален сојуз на Марин Ле Пен и од левичарската Непокорена Франција. Набљудувачите не очекуваат дека овие иницијативи ќе успеат да ја соборат центристичката влада на премиерот Себастиен Лекорну.
Преговорите за договорот за слободна трговија меѓу Европската Унија и четирите јужноамерикански држави од Меркосур - Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај - почнаа во 1999 година. Според Европската комисија, предложената зона за слободна трговија, која опфаќа над 700 милиони луѓе, би била најголема од ваков вид во светот.
На состанокот на претставниците на 27-те земји членки на ЕУ минатата недела договорот беше одобрен и треба да биде потпишан в сабота во Парагвај. Франција веќе подолго време цврсто се противи на овој договор и на крајот гласаше против него.
Француските земјоделци тврдат дека договорот со Меркосур ќе го преплави европскиот пазар со евтини земјоделски производи, со што ќе се загрози нивната егзистенција. Непокорена Франција го обвинува претседателот Емануел Макрон и неговата влада дека не се спротивставиле доволно одлучно на договорот, а десницата смета дека националните интереси на Франција не биле соодветно заштитени. ссм/ми/
фото: архива