• понеделник, 23 декември 2024

Фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција

Фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција

Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Христијан Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМЕ, истакна членот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Андонов, кој денеска на прес-конференција пред партиското седиште го најави почетокот на работата на Фракцијата за демократизација и реорганизација, односно ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ.

- Денешната прес-конференција е со единствена тема - јавен и отворен повик до г. Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција, рече Андонов. Основната политичка цел на фракцијата, покрај оставката на Мицкоски, кој, како што рече, е потрошен политички, е и повик до членството за организација на избори за нов претседател на партијата. Според Андонов, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство. - Кога велам потрошен, потрошен е политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија. Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени, рече Андонов. Тој нагласи дека не станува збор за паралелна структура, туку дека ќе делуваат внатре во партијата како фракција. - Напоменувам, не се работи за паралелна структура во ВМРО-ДПМНЕ, не се работи за нова политичка партија, не се работи за нова политичка структура во смисла на паралелизам, туку за членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои и понатаму ги повикуваат останатите членови на партијата да делуваме како политичка фракција внатре во партијата со единствена цел - демократизација и ревитализација на партијата, чиј прв чекор е оставка на Мицкоски, истакна Андонов. Прашан за тоа од колку членови на партијата имаат поддршка, Андонов рече дека нема да лицитира со бројки и оти се отворени за сите членови на партијата. Моментот на покренување на иницијативата, според Андонов, не е поврзан со превирањата и односот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, додавајќи и дека бил против тоа таа да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје. - Зошто сега? Затоа што сега се исполнети сите услови за членството во целост да ги гледа работите како што треба. Ова е желба на членството, не е моја лична желба. Толку луѓе во партијата го гледаат тоа што се случува. Едноставно велат време е да се каже јавно до каде сме и да се преземе нешто. Што ако Мицкоски не даде оставка? Па не сакам јас сега да излезе оставка или ботовите кои ги пушта до мене дека за две недели ќе си дал остава. Нема да даде Мицкоски оставка сега. Мицкоски ќе биде доведен во состојба под притисок на членството да мора да замине од партијата. Оваа борба ќе трае. Ова не е борба која денеска почнува и завршува. Но, во исто време да ви напомнам, ова не е т.н. коалиција која сакаше да го дигне Мицкоски во тој период. Ова се партиски членови кои кажуваат: доста беше од уривање на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ како една од основните политички, големите политички партии во Македонија, треба да ја креира генералната политика во државата. Со едно крило не се лета никаде, порача Андонов. вг/сп/

Остани поврзан