• понеделник, 23 декември 2024

Фото албумот со македонски носии во Албанија ќе биде дистрибуиран и во македонски институции и во дијаспората

Фото албумот со македонски носии во Албанија ќе биде дистрибуиран и во македонски институции и во дијаспората

Тирана, 17 јули 2023 (МИА) - Примероци на фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ ќе бидат распредели во Република Албанија, а ќе се дистрибуираат и во Северна Македонија, во соодветни институции, како и во дијаспората низ светот, најави авторот на албумот Никола Ѓурѓај.

Целта е, како што вели, со преубавите и богати носии на Македонците во Албанија да се запознае пошироката јавност.

Ваков албум е испечатен прв пат и претставува авторско дело на Ѓурѓај, кој е претседател на македонското друштво „Илинден“ - Тирана, кое е и издавач.

-Без финансиска поддршка на Комитетот за национални малцинства при албанската влада фото албумот немаше да биде отпечатен, за што искрено се заблагодаруваме. Сакаме да веруваме дека примерот на Комитетот ќе биде следен и од други институции, додава тој за МИА. 

Во него се поставени 12 фотографии од областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, селата Крчишта и Ербеле, област Поле, округ Пешкопеја и кај секоја од нив на македонски и албански јазик стои кусо објаснување за носијата.

Во присуство на поголем број Македонци, членови на Комитетот, како и претставници на други институции, албумот беше промовиран  во павилјонот „Реја“ (пред Национална галерија) – Тирана.

На промоцијата присуствуваа и Љуфтим Спахиу, советник во македонската амбасада во Тирана, како и Александру Саву, советник во романската амбасада. вт/мч/

Фото: МИА 

Остани поврзан