• недела, 22 декември 2024

Форумот на жени на СДСМ организираше работилница за стратешко планирање

Форумот на жени на СДСМ организираше работилница за стратешко планирање
Струмица, 7 февруари 2021
Викендов (5-7 февруари) во Струмица, Форумот на жени на СДСМ во соработка со Прогрес Институтот за социјална демократија, спроведе работилница за стратешко планирање на раководството на Форумот на жени на СДСМ.
На работилницата беа дефинирани стратешките цели и приоритетите за развој на Форумот.  Согласно последните измени на Статутот на СДСМ особено зајакнувањето на улогата на жените во организацијата и одлучувачките процеси на партијата, раководството на оваа работилница јасно ги прецизираше идните цели и ја надгради мисијата и визијата за развој на Форумот на жени на СДСМ во следниот период.
На отворањето на работилницата се обрати претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, претседателката на PES Women - партија на Европски социјалисти Зита Гурмаи, генералната секретарка на Меѓународниот центар Олоф Палме Ана Сундстром, Претседателката на Форумот на жени на СДСМ и пратеничка Снежана Калевска Ванчева и Павле Богоевски од Прогрес Институтот за социјална демократија.
Претседателот Зоран Заев во своето обраќање одаде признание за долгогодишната континуирана и упорна борба на сите Социјалдемократки кои биле и се активно вклучени во постигнување на рамноправната застапеност на жените во партиските органи и изборните листи.
Тој изјави: „СДСМ, како партија, направи историски исчекор не само во нашата земја, туку и пошироко во Европа и светот, со што покажавме дека сме меѓу ретките партии каде родовата еднаквост ја поставуваме како врвен приоритет. Еднаквоста е придобивка на генерациските борби за правното врамување на основните права и слободи на човекот, затоа од клучно значење е поставувањето на темелните принципи на еднаквоста помеѓу мажите и жените во нашата партија. Со направените статутарните измени Форумот на жени го регулиравме како трајна и статутарно предвидена форма на организирање.„
Претседателката на PES Women Зита Гурмаи посочи дека Форумот на жени на СДСМ претставува лидер во регионот од аспект на позицијата и влијанието на форумот во партијата како и во постигнатите резултати во борбата за еднакво застапеност и во борбата за родово базираното насилство.
Генерална секретарка Олоф Палме, Ана Сундстром упати охрабрување кон раководството на Форумот на жени за понатамошната борба и ја истакна потребата од заеднички координирана акција за реализација на поголема глобална соработка, која е единствен начин за градење на одржлива основа за понатамошно унапредување на жените.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Снежана Калевска Ванчева им се заблагодари на присутните за учеството и истакна дека постигнатите резултати и извојуваните битки не можат да бидат крајната цел на Форумот на жени туку само еден чекор по патот до постигнување на целосна родова еднаквост во партијата и општеството.
Павле Богоевски ја потврди подготвеноста на Прогрес институтот за социјалдемократија како стратешки партнер на Форумот на жени за продолжување на соработката и поддршката во трасирањето на патот за сегашните и идни генерации на политичарки и лидерки.
Форумот на жени е организација на жените во СДСМ чија визија е постигнување на родово еднакво и праведно општество. Мисијата на Форумот е рушење на стереотипите поврзани со родот и родовите улоги во општество. Својата визија и мисија Форумот на жени ќе ги остварува преку вклучување на феминистичките вредности и родово одговорните практики во партиските политики и програми и преку градење на родово прогресивни, силни, моќни и независни жени кои активно и полноправно ќе учествуваат во партискиот, политичкиот и општествениот живот.
Центар за комуникации со јавност на СДСМ
__________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан