• петок, 26 април 2024

Фон дер Лајен ќе учествува на Африканскиот самит за климата во Најроби

Фон дер Лајен ќе учествува на Африканскиот самит за климата во Најроби

Брисел, 4 септември 2023 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе отпатува за кенискиот главен град Најроби, каде утре ќе учествува на Африканскиот самит за климата 2023. 

Предвидено е Фон дер Лајен да се обрати на отворањето на Самитот, по што ќе учествува на Панел дискусија на тема „Новата глобална климатска финансиска архитектура“, на која ќе говорат и претседателите на Кенија и Гана, Вилијам Руто и Нана Акуфо-Адо, египетскиот премиер Мостафа Мадбулу, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претседавачот на Конференцијата за климатски промени во Дубаи (КОП28), Султан Ахмед ал Џабер и претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат. 

На маргините на Самитот, предвидено е Фон дер Лајен да има билатерална средба со кенискиот претседател Руто, на која главна тема ќе бидат Стратегијата за зелен водород на Кенија и Патоказот за нејзино спроведување, која ќе биде поддржана од инвестициската стратегија на ЕУ - „Глобална порта“ и чијa цел е реализација на амбициите на оваа африканска земја за развој на сопствена зелена водородна индустрија во наредните години. 

На Африканскиот самит за климата 2023, чии коорганизатори се Кенија и Комисијата на Африканската Унија, е најавено присуство на поголем број шефови на држави или влади и претставници на мултилатерални институции, граѓанското општество, приватниот сектор и младински организации. Целта на Самитот е да се разговара за начините како африканските земји да се соочат со предизвиците што ги поставуваат климатските промени и да се подготват за претстојниот КОП28, што ќе се одржи на крајот ноември и почетокот на декември во Дубаи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан