Фон дер Лајен: Постигнувањето на договорот меѓу ЕУ и Меркосур е победа на Европа
- Европската унија и организацијата на јужноамериканските земји Меркосур денеска на самитот во Монтевидео постигнаа договор за слободна трговија.
Монтевидео, 6 декември 2024 (МИА) - Европската унија и организацијата на јужноамериканските земји Меркосур денеска на самитот во Монтевидео постигнаа договор за слободна трговија.
На договорот се противи Франција, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овој договор го означи како „победа на Европа“.
Според неа, новиот договор на европските компании ќе им заштеди четири милијарди евра годишно, кои досега плаќаа царина при извоз во земјите на Меркосур. Договорот треба да биде одобрен од членките на Европската унија, што ќе биде многу тешко со оглед на силното противење на Франција и некои други земји.
Франција го оцени договорот меѓу Европската унија и Меркосур како „неприфатлив“ и повтори дека ќе се спротивстави, наведувајќи дека ќе има поддршка и од Италија.
Во Франција денеска земјоделците организираа демонстрации против усвојувањето на договорот со Меркосур. Другите земји-членки, вклучувајќи ги Германија и Шпанија, сметаат дека таков договор е од витално значење за ЕУ, за која велат дека мора да ја диверзификува нејзината трговија. рп/
Фото: МИА архива