• понеделник, 23 декември 2024

Фон дер Лајен: Да ја направиме Европа лидер во дигиталните технологии

Фон дер Лајен: Да ја направиме Европа лидер во дигиталните технологии

Брисел, 7 јули 2023 (МИА) - Сакаме да ја направиме Европа лидер во глобалното истражување, дизајн, тестирање и производство на полупроводници и во тој контекст отвораме ново поглавје со усвојувањето на Законот за чипови, кој формално ќе стапи во сила на есен, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лaјен, при посетата на белгиската компанија за производство на наноелектонски и дигитални технологии ИМЕЦ.

- Законот за чипови веќе генерира неверојатен моментум. Откако го предложивме европскиот Закон за чипови во февруари минатата година, најавени се повеќе од 90 милијарди евра индустриски инвестиции во Европа. На пример, 12 милијарди евра за постројка за пакување и тестирање на полупроводници во Полска и 30 милијарди евра за две фабрики во Магдебург во Германија. Но, гледаме инвестиции и во Даблин, Катанија, Гренобл и Дрезден, истакна Фoн дер Лајен.

Според неа, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, со овој закон ќе се обезбедат конкретни можности за финансирање на изградба на капацитети за производство, истражување и развој на дигитални технологии, како и создавање на солидна мрежа за соработка ширум земјите од Унијата.

Фон дер Лајен потенцира дека развојот на овие технологи не е само неопходен за имплемантација на зелената и дигиталната транзиција на ЕУ и за раст на европските економии, туку тој има и свој дополнителен геополитичкиот контекст.

- Нашата економија не би функционирала без чипови. Затоа, треба да ја намалиме нашата зависност од добавувачите од Источна Азија. Активно мораме да го отстраниме ризикот за нашите синџири за снабдување со чипови. Тоа е од витално значење и ние треба да го промовираме дизајнот, тестирањето и производството овде во Европа, рече претседателката на Европската комисија.

Токму затоа, според неа, Законот за чипови, ќе ги промени правилата на игра и ќе придонесе за зголемување на европската економска безбедност.

При посетата на седиштетото на ИМЕЦ во белгискиот град Лувен, Фон дер Лајен беше придружувана од белгискиот премиер Александeр Де Кру, премиерот на регионот Фландрија, Јан Јамбон, министер за труд, економија, социјална економија, иновации и земјоделство на Фландрија, Џо Браунс, првиот човек на ИМЕЦ, Лук ван ден Хов и претседателот на Управниот одбор на холандската компанија АСМЛ, Питер Венинк. сп/

Фото: МИА скриншот

Остани поврзан