• вторник, 05 ноември 2024

Фон дер Лајен: Ако ЕУ и САД го водат патот, тоа ќе биде сигнал за остатокот од светот

Фон дер Лајен: Ако ЕУ и САД го водат патот, тоа ќе биде сигнал за остатокот од светот
Минхен, 19 февруари 2021 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Соединетите Американски Држави, со промената на администрацијата во Вашингтон, се вратиле на глобалната сцена и ги повика на „природно партнерство“ и „глобално лидерство“ со ЕУ. - Заедничката работа на новата глобална агенда, со повеќе глобално ориентирани САД и поспособна ЕУ, е начин да одговориме на предизвиците и Европа е подготвена на тоа, рече Фон дер Лајен. Говорејќи за новите трансатлантски односи на Конференцијата за безбедност во Минхен (МСЦ), Фон дер Лајен истакна дека ЕУ и САД можат заеднички да ја водат глобалната борба против климатските промени, но исто така да работат и на дигитализација и воспоставување правила во дигиталната економија, кои ќе бидат почитувани низ целиот свет, а засновани на почитување на човековите права и заштита на приватноста. Претседателката на ЕК оцени дека новото трансатлантско партнерство е особено важно во време кога Кина е економски посилна, а Русија, како што тврди, „се повеќе ги крши човековите права, како во нејзината земја, така и на меѓународната сцена“. - На ЕУ и на САД е да ја зајакнат соработката како докажани партнери и сојузници. Ако ние го водиме патот, тоа ќе биде сигнал за остатокот од светот, заклучи Фон дер Лајен. Таа истакна дека „партнерството САД-ЕУ е добро, не само за трансатлантските односи, туку и за иднината на децата од двете страни на Атлантикот“. паг/

Остани поврзан