Флоренс Бауер од УНФПА за МИА: 32 000 жени се дијагностицираат во регионот годишно, нови технологии против ракот на грлото на матката ќе се презентираат во Скопје
- Форумот во Скопје обединува над 120 претставници од околу 30 земји, вклучувајќи ги и членките и партнерите на Регионалната алијанса за превенција на рак на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија, регионална рамка за соработка што ја оформи УНФПА во 2021 година. Очекуваме претставници од влади, јавни здравствени установи, академски институции, граѓанското општество и приватниот сектор - луѓе кои имаат моќ еднаш засекогаш да стават крај на ракот на грлото на матката како јавно здравствена закана во нашиот регион, вели Флоренс Бауер, директорка на Фондот за население на ОН (УНФПА) за регионот на источна Европа и Централна Азија во интервј за МИА во пресрет на регионалниот форум што почнува на 30 септември.
Скопје, 28/29 септември 2025 (МИА) -
Биљана АНАСТАСОВА КОСТИЌ
Форумот во Скопје обединува над 120 претставници од околу 30 земји, вклучувајќи ги и членките и партнерите на Регионалната алијанса за превенција на рак на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија, регионална рамка за соработка што ја оформи УНФПА во 2021 година. Очекуваме претставници од влади, јавни здравствени установи, академски институции, граѓанското општество и приватниот сектор - луѓе кои имаат моќ еднаш засекогаш да стават крај на ракот на грлото на матката како јавно здравствена закана во нашиот регион, вели Флоренс Бауер, директорка на Фондот за население на ОН (УНФПА) за регионот на источна Европа и Централна Азија во интервј за МИА во пресрет на регионалниот форум што почнува на 30 септември.
-На Форумот, тие ќе ги прошират своите контакти, ќе се запознаат со новите технологии и стратегии за борба против ракот на грлото на матката и ќе ги споделат своите успеси за другите да можат да учат од нив. Сведоци сме на голем напредок во изминатите години. На пример, во две земји, речиси сите млади луѓе се веќе вакцинирани против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови рак на грлото на матката. Овие успеси ни даваат надеж дека ставањето крај на оваа болест во нашиот регион е на дофат.
Следува целосното интервју со Флоренс Бауер, директорка на Фондот за население на ОН (УНФПА) за регионот на источна Европа и Централна Азија
Почитувана, г-ѓа Бауер, од 30 септември, Република Северна Македонија ќе биде домаќин на 5. Форум на Регионалната алијанса за превенција на рак на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија. Станува збор за важен форум којшто треба да ја зголеми прекуграничната соработка за забрзување на напредокот за елиминација на ракот на грлото на матката. Колку земји учеснички веќе го имаат потврдено присуството и што очекувате да произлезе како заклучок од форумот?
-Форумот во Скопје обединува над 120 претставници од околу 30 земји, вклучувајќи ги и членките и партнерите на Регионалната алијанса за превенција на рак на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија, регионална рамка за соработка што ја оформи УНФПА во 2021 година. Очекуваме претставници од влади, јавни здравствени установи, академски институции, граѓанското општество и приватниот сектор - луѓе кои имаат моќ еднаш засекогаш да стават крај на ракот на грлото на матката како јавно здравствена закана во нашиот регион. На Форумот, тие ќе ги прошират своите контакти, ќе се запознаат со новите технологии и стратегии за борба против ракот на грлото на матката и ќе ги споделат своите успеси за другите да можат да учат од нив. Сведоци сме на голем напредок во изминатите години. На пример, во две земји, речиси сите млади луѓе се веќе вакцинирани против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови рак на грлото на матката. Овие успеси ни даваат надеж дека ставањето крај на оваа болест во нашиот регион е на дофат.
Ракот на грлото на матката е една од најсмртоносните болести на денешницата кај жените ако не се дијагностицира навреме. Што покажуваат бројките, колку годишно жени умираат од оваа болест?
-Навистина, ракот на грлото на матката е вториот најсмртоносен рак кај жените на репродуктивна возраст во Источна Европа и Централна Азија. Околу 32.000 жени се дијагностицираат во регионот секоја година, а 16.000 умираат. Ова е шокантно бидејќи 90 отсто од случаите на рак на грлото на матката може целосно да се превенираат преку добро организирани скрининг програми, третман на предканцерозни состојби и програми за вакцинација против ХПВ. Стапките на инциденца и морталитет се до 10 пати пониски во земјите на ЕУ, каде програмите за вакцинација и скрининг започнаа пред неколку децении. Затоа имаме уникатна можност да ги зајакнеме нашите политики и програми врз основа на искуствата стекнати во други региони. Форумот, исто така, ќе нè приближи до воспоставување на технологии и системи за забрзување на напредокот кон превенција и третман.
Превенцијата е најважна, но колку жените се свесни дека е потребно редовно да се прават контроли и да побараат лекарска помош при појава на невообичаени симптоми? Од која возраст е потребно да се информираат жените за нивното сексуално здравје?
-Верувам дека превенцијата е апсолутно суштинска. Никогаш не е прерано да се започне со соодветно образование за сексуално и репродуктивно здравје и мора да продолжиме да ја зајакнуваме писменоста за здравјето за сите во текот на нивниот живот. Образованието за сексуално и репродуктивно здравје и превентивните прегледи треба да бидат составен дел од животот, многу пред да се појават какви било невообичаени симптоми. Превентивните услуги имаат поголемо влијание и се поефикасни во однос на трошоците отколку услугите потребни за долгорочен третман.
Постои поширока димензија на ова - со демографските промени со кои се соочува регионот како што се зголемен животен век, намалени стапки на фертилитет, стареење на населението и градење на човечкиот капитал, зајакнувањето на здравјето и благосостојбата на населението станува сè поважно. Повеќето случаи се јавуваат кај жени на возраст меѓу 35 и 50 години, време кога многу од нив се на врвот на нивната кариера и на одговорностите што ги имаат за грижа и нега, предизвикувајќи огромна лична вознемиреност, општествено нарушување и финансиски трошоци за жените, нивните семејства, здравствените системи и општествата. Затоа, нашите напори за борба против ракот на грлото на матката се исто така начин да се зајакне отпорноста на земјите кон демографските промени.
Каде се наоѓа Република Северна Македонија на овој план? Што покажуваат вашите анализи за смртноста на годишно ниво и колку жените во земјава одат на редовни скрининзи?
-Според националните податоци, просечната годишна стапка на смртност во Северна Македонија во последните години, изнесува 2,9 на 100.000 жени. Владата на Северна Македонија, во изминатите години, постојано инвестираше во напорите за проширување на покриеноста и квалитетот на својата национална скрининг програма. Додека пред пандемијата со Ковид-19 бројот на жени кои се прегледуваа секоја година во државните болници изнесуваше околу 12.000, овој број се искачи на речиси 65.000 во 2023 година, последната година за која имаме податоци, или 13 отсто од жените на возраст од 21 до 65 години. Ова е развој на настаните што охрабрува особено што овој број не ги вклучува и скрининзите во приватните клиники.
Исто така, забележавме напредок во вакцинацијата против ХПВ. Според официјалните податоци, опфатот со ХПВ вакцинацијата достигна над 56 отсто од целната популација, иако со забележителни разлики помеѓу општините. Минатата година, Северна Македонија ја прошири програмата за бесплатна ХПВ вакцинација и за првпат воведе ХПВ вакцинација и за момчињата, исто така бесплатна.
Што треба да направи Северна Македонија за да го зголеми опфатот на жени со скрининг? Дали државата одвојува доволно средства за оваа намена?
-За да се зголеми покриеноста на скринингот за жените во Северна Македонија, мора да се фокусираме и на зголемување на побарувачката и на проширување на пристапот. Ова значи активно подигање на свеста за клучната важност на скринингот и неговата улога во спречувањето на ракот на грлото на матката и спасувањето животи. Додека сегашниот систем овозможува самопријавување, потребен е попроактивен пристап, со користење на комбинација од дигитални и традиционални алатки за унапредување на здравјето со цел да се дојде до жените во сите заедници. Може да се прошири и многу успешната програма со мобилни клиники. Овие единици досегнуваат до жени во руралните и неразвиените области, што е од суштинско значење за да се обезбеди правичен пристап до грижа.
Фото: УНФПА