Фијала: Европа треба да издвојува повеќе за одбраната
- Чешкиот премиер Петр Фијала денеска се заложи Чешка и другите држави да почнат да издвојуваат најмалку три отсто од бруто домашниот производ годишно за одбраната
Прага, 24 февруари 2025 (МИА) – Чешкиот премиер Петр Фијала денеска се заложи Чешка и другите држави да почнат да издвојуваат најмалку три отсто од бруто домашниот производ годишно за одбраната.
- Претседателот (на САД, Доналд) Трамп одлучи целосно да ја промени надворешната политика на САД. Брзината, решителноста и реториката се изненадувачки, но САД престанаа да се фокусираат на Европа веќе една деценија. САД сè уште се наш сојузник, но треба да се навикнеме да биде сојузник кој отворено ни дава до знаење дека е време европските земји да можат сами да се грижат за европските проблеми, истакна Фијала.
Тој предупреди дека меѓународниот поредок, кој беше заснован на силната улога на САД, ги доживува најголемите промени од падот на комунизмот кон крајот на 80-тите години од минатиот век.
- За Чешка тоа може да биде можност во нејзина корист или да не парализира. Нема да биде ниту едноставно, ниту пријатно. Благодарение на болното историско искуство, знаеме дека Русија со своите амбиции претставува голема закана, кога е недемократска. Нашата главна цел мора да биде силна Европа, која ќе може да ја одврати Русија од понатамошни воени напади врз суверени европски држави, наведе Фијала.
Тој додаде дека е нужно Чешка и другите земји-членки на Европска Унија итно да усвојат нови финансиски правила, што ќе овозможат издвојување на најмалку три проценти од БДП годишно за одбраната.
- ЕУ треба да ги инвестира неискористените 93 милијарди евра од Фондот за обнова во зајакнување на одбраната, истакна Фијала.
Тој предложи за помошта за Украина да бидат искористени средствата од каматите на замрзнатиот руски имот в Европа. ми/
фото: ЕПА