ФИТР: Десет стартап компании ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите Тинекс
- Вкупно 10 стартап компании ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите Тинекс, во рамките на предизвикот „Стартап Херои”- Од супер идеја до супер маркет, кој го реал
Скопје, 27 јули 2021(МИА) - Вкупно 10 стартап компании ќе ги пласираат своите иновативни производи на полиците низ маркетите Тинекс, во рамките на предизвикот „Стартап Херои”- Од супер идеја до супер маркет, кој го реализираше Фондот за иновации и технолошки развој.
Како што информираат од ФИТР, „Стартап Херои”, кој е реализиран во соработка со корпоративниот партнер „Тинекс маркети“, поддршката од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст - финансиско друштво за факторинг, им овозможи на избраните производи да се најдат на посебно обележани полици до крајот на годината, на однапред дефинирани продажни локации со соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција и дополнително вклучување во интегрираната дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети.
- Избраните прозиводи кои за прв пат ќе добијат можност да се продаваат во маркетите се на компаниите: Бејкинг Фектори, Евал, Матриошка, Плант Инжинеринг, Про-Фитр ВИС, Кинадо, Хелтиш, Скуп, Пивара Бакрески и Фила Козметик, стои во соопштението од ФИТР.
Вкупниот буџет предвиден за предизвикот изнесува 7 милиони денари, од кои ФИТР обезбеди шест, а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600.000 денари.
Како што информираат од ФИТР, на јавниот повик кој бил отворен од 22 април до 25 мај годинава во финална селекција влегле 22 компании кои ги презентирале своите производи пред Комисијата за оценување и избор која се состоела од експерти од областа на предизвикот, од областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба и по еден експерт од Тинекс, ИМЕ и ФИТР. ар/лв/