• четврток, 04 декември 2025

Филмската критичарка Марина Костова избрана за потпретседателка на ФИПРЕСЦИ

Филмската критичарка Марина Костова избрана за потпретседателка на ФИПРЕСЦИ

Скопје, 22 септември 2025 (МИА) - Македонската филмска критичарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ. Ова е првпат во 100-годишната историја на ФИПРЕСЦИ филмски критичар од Македонија да биде избран во раководството на една од најстарите професионални организации во светот, што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти, соопшти Македонска секција на ФИПРЕСЦИ.

Изборот на новото раководство со четиригодишен мандат бил на  Генералното собрание во Будимпешта, одржано на 17-18 септември. За нов претседател на ФИПРЕСЦИ е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.

-Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни филмски фестивали во светот. Почнуваме нова ера на ФИПРЕСЦИ со прекрасен и посветен тим и радосна и горда сум што и нашата мала секција ќе биде тука. Како потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, ќе работам на враќање на почитта и поддршката за независната филмска критика. Со 100 години историја, ФИПРЕСЦИ има уникатно и моќно наследство, а мојата активност ќе биде за развивање иницијативи што ќе ја користат оваа платформа за застапување на нашата професија. Особено ќе се ангажирам за создавање партнерства меѓу ФИПРЕСЦИ и нејзините национални секции, посебно со малите како нашата во Македонија. Заедно можеме да ја зајакнеме соработката со фестивалите, да соработуваме со засегнатите страни од филмската индустрија и да ја потврдиме неопходната улога на критичките гласови во филмската уметност, изјави Костова.

Костова е актуелна претседателка на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. Таа е реномирана филмска критичарка и наградувана новинарка, заменичка-главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК. Учествувала во жирија на ФИПРЕСЦИ, меѓу кои и на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Виена,  Луксембург, Сараево, Истанбул, Солун... Авторка е на неколку книги и е во авторскиот тим на првиот македонски Речник на медиумската писменост. Македонската секција е и меѓу најстарите професионални здруженија во земјава.

-Создадена во 1925, ФИПРЕСЦИ од 1987 до 2024 ја водеше генералниот секретар Клаус Едер, период во кој тој ја обликуваше организацијата во она што е денес. ФИПРЕСЦИ ја доделува својата престижна награда на над 100 филмски фестивали каде има свои жирија, како и годишната Гран-при за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. Наградата за откритие на годината на ФИПРЕСЦИ е и дел од годишните Европски филмски награди. Во 2025 година, ФИПРЕСЦИ ја слави 100-годишнината од федерацијата со бројни специјални настани меѓу кои и оние на најголемите фестивали - Венеција, Кан и Берлин, се наведува во соопштението на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ. хс/дма/

Фото: Македонска секција на ФИПРЕСЦИ

 

Остани поврзан