Филков: Конститутивна седница на новиот состав на Советот за координирање на ИКТ, двигател на значајни промени
- Министерот за правда Игор Филков денеска на конститутивната седница на новиот состав на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи ја истакнал важноста на технологијата во правосудството, како и неопходноста од дигиталната трансформација за модернизација на судскиот систем, со цел зголемување на довербата на граѓаните во правосудството.
Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков денеска на конститутивната седница на новиот состав на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи ја истакнал важноста на технологијата во правосудството, како и неопходноста од дигиталната трансформација за модернизација на судскиот систем, со цел зголемување на довербата на граѓаните во правосудството.
- Верувам дека овој состав на Советот ќе биде двигател на значајни промени, со фокус на правдата, инклузивноста и модернизацијата на правосудниот систем, изјавил Филков, соопштија од Министерството за правда.
Тој потенцирал дека дигитализацијата ќе им овозможи да ги забрзаат судските процеси, да ја зголемат транспарентноста и да ја намалат бирократијата.
Министерството за правда формираше нов состав на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи во целосна согласност со член 87-а од Законот за судовите. Советот е составен од претставници од правосудните органи и други релевантни институции, кои ќе работат на координирање и спроведување на активностите за дигитализација во правосудството.
- Технологијата е само алатка, а основниот принцип останува правдата. Затоа, мора да се осигураме дека дигитализацијата ќе биде во служба на правдата и дека ќе обезбеди еднаквост и фер пристап за сите граѓани, истакнал меѓу другото Филков.
Министерот за правда изразил уверување дека со заедничко лидерство и посветеност, новиот состав на Советот ќе продолжи со развој на стратегијата за дигитализација, размена на информации и решавање на проблемите во работата на правосудниот систем. Министерството за правда, подвлекол, останува посветено на модернизацијата на правосудството, со цел да се создаде праведен и дигитален правосуден систем за сите граѓани.
Членови на ИКТ советот се :
Бурим Сејдини, претседател на Управен суд на Република Северна Македонија.
Иван Џолев, претседател на Основен кривичен суд Скопје.
Милчо Велјаноски, Судски советник во Врховен суд на Република Северна Македонија.
Мирјана Башеска Јонеска, информатичар во Врховен суд на Република Северна Македонија.
Наташа Однакозова Жабакова – информатичар во Апелационен суд Скопје.
Никола Ристевски, информатичар во Основен Граѓански суд.
Анита Тополова Исајлоска, Јавен обвинител во Јавното обвинителствo на Република Северна Македонија.
Владимир Милошески, Јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје.
Ирена Димовска – информатичар во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Јулијана Георгиевска – Државен советник во Судски совет на Република Северна Македонија.
Јелена Догазанска Колева, член на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.
Катерина Мишковска, информатичар во Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.
Јосиф Стоилов – информатичар во Судски совет на Република Северна Македонија. цр/са/
Фото: Министерство за правда