• четврток, 15 октомври 2026

Филипче: 600 евра минимална плата е неопходна за работниците да го преживеат месецот

Филипче: 600 евра минимална плата е неопходна за работниците да го преживеат месецот

Скопје, 15 октомври 2026 - Минимална плата од 600 евра е неопходна за работниците да може да го преживеат месецот, да ги покријат основните трошоци и да обезбедат достоинствен живот за своите семејства, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за централниот дневник на МРТ 1 - се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интегрално. 

Филипче посочи дека барањето за зголемување на минималната плата не само што е реално туку е и неопходно, а Владата на ВМРО не презема доволно мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

- Не само што е реално барањето туку е и многу потребно. Станува збор за барање што ќе ги задоволат потребите на граѓаните да го преживеат месецот. 600 евра минимална плата е најмалку што оваа Влада треба да направи за да го подобри стандардот затоа што во сегашните услови ниту три минимални плати не се доловони да ги покријат трошоците од потрошувачката кошничка, која е речиси 80-90.000 денари со трошоците за кирија, за стан и враќање на кредитите - рече Филипче.

Филипче додаде дека негрижата на Владата за животниот стандард не се одразува само врз работниците, туку и врз земјоделците, пензионерите и младите додавајќи дека со што власта го одбива секој предлог на СДСМ за подобрување на економската состојба дополнително го отежнува животот на граѓаните.

- Тоа е само еден од знаците со што Владата покажува апсолутно негрижа за стандардот на граѓаните. Денеска, во Собранието не помина нашиот предлог-закон за поддршка на земјоделците. Сите остануваат без дополнителна финансиска поддршка. Сите сфери во земјоделството, и сточарите, и млекарите и лозарите, и јаболкопроизводителите, буквално сите. В година е прашање дали ќе има земјоделство во одредени региони во држава поради тоа што земјоделците не може финансиски овој товар и притисок да ги издржат - рече Филипче.

Тој додаде поради лошите политики на Владата, граѓаните иднината ја гледаат во иселување надвор од државата и порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за подобар живот на сите граѓани.

- И сега една власт, која не се грижи ниту за работниците, ниту за земјоделците, ниту за најстарите пензионери, ниту за најмладите, затоа што не им ги дава европскиот пат и европската перспектива и ги тера да ја напуштат земјата, 3.000 деца се помалку запишани годинава во прво одделение, 3.000 семејства се иселиле од 2025 година до 2026 година и го бараат спасот некаде надвор, што да правиме, освен секојднево, упорно, да се бориме, да реагираме, за да видат граѓаните дека некој се грижи за нив - рече Филипче.

Претседателот Филипче нагласи дека СДСМ ќе продолжи да предлага мерки за подобрување на животниот стандард бидејќи граѓаните имаат потреба од конкретна поддршка, а не од празни ветувања.

Фото СДСМ