• недела, 15 ноември 2026

Николоски: Растот на бруто-домашниот производ на Македонија се очекува да достигне 3,5 отсто, најголем двигател градежништвото

Николоски: Растот на бруто-домашниот производ на Македонија се очекува да достигне 3,5 отсто, најголем двигател градежништвото

Скопје, 13 октомври 2026 (МИА) - Растот на бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија се очекува да достигне 3,5 проценти, откако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше нагоре својата претходна проекција од 3,1 отсто. Говорејќи вечерва во емисијата „Колегиум“ на Алфа ТВ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, посочи дека позитивната ревизија на прогнозата од страна на ММФ е значаен показател за економските движења во земјава, а значаен придонес за ваквите економски резултати секако има градежништвото кое бележи двоцифрен раст во последните шест квартали.

-Денеска стигна ревидирање во однос на проценката на БДП, и тоа ревидирање не го направи Македонија, туку Меѓународниот монетарен фонд, една од двете најрелевантни институции за економија во светот, заедно со Светската банка, коишто велат дека растот на БДП ќе биде на 3,5 отсто, а нивната проценка првично беше 3,1 проценти - посочи Николоски.

Тој нагласи дека ваквите очекувања се особено значајни ако се земат предвид актуелните глобални економски предизвици, вклучително и енергетската криза, како и фактот дека голем број држави се соочуваат со стагнација или рецесија.

Како еден од главните двигатели на економскиот раст, Николоски го посочи градежништвото, во кое, според него, веќе шест квартали по ред се бележи двоцифрен раст. Дополнително, тој очекува позитивниот тренд да продолжи и во втората половина од годината.

-Голем удел во овој раст има градежништвото, 6 квартали досега имаме двоцифрен раст на градежништвото. Вториот квартал во оваа 2026 година, растот беше скоро 22 проценти, а очекувам и во третиот и во четвртиот растот да биде двоцифрен, што сигурно придонесува и во растот на БДП, така што ефектите се гледаат веднаш - истакна вицепремиерот Николоски. нд/ев/

Фото: МИА архива

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа