• недела, 19 мај 2024

Филипче: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат

Филипче: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат

Скопје, 19 април 2024 

„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата денеска оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.

Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.

„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.

Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период. 

„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.

На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии. 

„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче. 

Центар за комуникации со јавноста

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Центар за комуникации со јавноста

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан