• петок, 05 декември 2025

Филипче: Резолуцијата е национално обединување околу црвените линии, Мицкоски не покажува зрелост

Филипче: Резолуцијата е национално обединување околу црвените линии, Мицкоски не покажува зрелост

Скопје, 16 октомрви 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека премиерот Христијан Мицкоски не покажал политичка зрелост за предложената декларација во однос на црвените линии во патот кон евроинтеграциите.

- Јас жалам дека премиерот не покажа политичка зрелост, ниту пак покажа државничко однесување во однос на декларацијата. Обвинувањето дека тоа е некаков поклон за Бугарија е апсолутно неиздржано и целосно неточно. Тоа е поклон за Македонија, тоа е поклон за нашиот народ. Тоа е нешто што од нас може, доколку заеднички го донесеме, не само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, сите политички партии во парламентот, тоа е нешто што ќе ни направи посилни и по обединети, рече вечерва Филипче во гостување на ТВ Сител.

Според Филипче, декларацијата е најмакедонскиот документ кој што некогаш бил презентиран на политичката сцена поради тоа што, нагласи, прв пат нуди концепт на национално обединување. 

- Национално обединување, тоа е нешто што многу држави го имаат, држави со многу подолга традиција, видете ги Западно Европските земји. Еве само Бугарија, колку декларации заеднички, што ги гласеше целото собранието, имаат во изминатиот период. Зашто ние да не покажеме политичка зрелост, свесност, дека е тоа важна работа, да седнеме, да ги утврдиме тие црвени линии и да продолжиме напред, потенцираше Филипче.

Дополни дека сите, и владејачката гарнитура, го знае чекорот кој треба да се направи и кој посочи дека вчера го потврдила и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лаен.

- Се знае патот напред кој е. Значи ако нема временски рокови се што ние правиме е губење драгоцено време. Но да се вратам на содржината, тоа е нешто што и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ го има. Таму стои дека не се преговара ниту за јазик, ниту за историја, ниту за идентитет, ниту за култура. Тоа е тоа што ние го кажуваме и сме го кажувале многу пати до сега. И ако го има насекаде, зашто на крајот на краиштата не покажеме зрелост и да седнеме заедно и да ја бутнеме државата напред, праша Филипче. 

Тој оцени дека „владата единственото што го прави за декларацијата е да бара изговори зошто да не прифати“. 

- Гледаме како регионот оди напред. Ние знаеме точно кој чекор треба да го направиме, намерно не се прави тоа, сметам дека владата само бара некаков изговор, а дека вистинска желба за продолжување на европскиот пат, за жал, нема, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на состојбата во економијата, обвинувајќи ја Владата за манипулација со економските показатели. Го повтори тврдењето дека до крајот на годината, поради несразмерот меѓу приходите и расходите, во буџетот ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра, што ќе резултира со ново задолжување. Наведе и дека наводниот раст на БДП е резултат исклучиво на високата инфлација, а не на реален економски напредок. Во врска со капиталните инвестиции, Филипче потенцираше дека реализацијата нема да достигне ни 50 проценти до крајот на годината. лв/дма/

фото: МИА архива 

Остани поврзан