Филипче: Предложените измени на Законот за високото образование се катастрофално лоши
- Предложените измени на Законот за високото образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот, тие воведуваат владина контрола врз универзитетите, една форма на образовен тоталитаризам, создаваат дискриминација кај младите, ја рушат автономијата на универзитетите, отвораат врата за партизација и креираат системски и социјални неправди, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ.
Скопје, 16 февруари 2026 (МИА) - Предложените измени на Законот за високото образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот тие воведуваат владина контрола врз универзитетите, една форма на образовен тоталитаризам, создаваат дискриминација кај младите, ја рушат автономијата на универзитетите, отвораат врата за партизација и креираат системски и социјални неправди, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ.
Апелира овој закон вака да не се поднесува до Собранието. Ако се поднесува во оваа форма во Собранието, како што најави, ќе иницираме јавна расправа за да може целокупната стручна јавност да земе збор, да се слушне нивниот глас за овој закон никако да не помине во оваа форма, туку да се модифицира.
Со овие предложени измени, како што рече, брутално се централизира моќта кај министерот, односно кај Владата, и со тоа се нарушува автономијата на универзитетите.
- Преку членовите 198, 199 и 201 министерот станува најмоќна фигура во високото образование со можност да укинува одлуки на универзитетските органи. Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и една форма на апсолутен владетел. Членот 13, наместо да ја штити институционалната независност, отвора механизам за директна контрола од извршната власт. Ова е спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смее да бидат продолжена рака на Владата. Второ, дискриминација на младите и партизација на кадарот. Тоа што законот го нуди на некој начин е гробница за младите асистенти, внимавајте, создава привилегии за веќе пензионирани професори - истакна Филипче.
Член 175, како што рече, практично создава неправичен систем, кој ги деградира младите кадри, а им овозможува продолжено влијание на веќе пензионирани професори. Додека младите наставници и асистентите се соочуваат со рестрикции, автоматски исклучување и несигурност, пензионирани професори добиваат право да предаваат и да користат институционални ресурси. И ова, според него, создава сериозен генерациски дебаланс, го блокира природниот процес на академска обнова и практично го поттикнува одливот на млади кадри од државата. Наместо систем што ги охрабрува младите, како што рече, добиваме закон што нив ги оттурнува или ќе се протеруваат од државава најдобрите умови.
- Практично, се нуди закон во кој науката станува луксуз само за богатите. Зошто? Затоа што се наметнуваат строги критериуми за публикации со инпакт-фактор, без државата да обезбеди стабилно финансирање на науката, фондови за објавување, истражувачка инфраструктура и институционална поддршка, притоа квалитетот се сведува само на бројки. Се изедначуваат хуманистичките и биолошките науки. Додека хуманистичките науки се занимаваат со системот во државата и тука се прават истражувањата во нашите околности во нашите системи, истражувајќи ги тие работи, ние немаме доволен број национални списанија што нудат голем импакт-индекс. И тука е несоодветно тоа изедначување со биолошките науки. Член 123, 161 - практично тоа се часописи со инпакт-фактор во кои објавувањето чини над 2.000 евра. Наместо да се понуди систем во кој државата ќе инвестира во механизми и инструменти, кои на научноистражувачките работници, наставници на факултетите, младите кадри ќе им овозможи зголемен квалитет на истражување, наеднаш се наметнуваат критериуми што е невозможно во овој систем да се имплементираат. И тоа практично е дискриминирачки и социјално неправедно - образложи Филиче.
Според него, се воведува сопственичка дискриминација и монопол на јавните универзитети над приватните, што е спротивно и на Уставот и на европската практика. - Член 132 став 10, се забранува приватните универзитети да образоваат кадри во клучни области - медицина, право, архитектура, иако овие факултети со децении имаат валидни акредитации добиени од државата. Станува збор за факултети што вработуваат професори, друг наставен научен кадар, кои едуцираат студенти. Во овој момент има на раководни функции во државата луѓе што имаат дипломи од тие универзитети. Се поставува прашањето зошто се сака така брутално на тие универзитети, односно факултети, да им се одземат акредитациите и да се затворот - рече Филипче.
Претседателот на СДСМ смета дека има една форма на, како што рече, академски терор, престанок на звање и губење работа по автоматизам. Според него, се воведува казнено-дисциплинарен модел, каде што професорите живеат практично во постојан страв од губење на работата. Член 164 по автоматизам предвидува, доколку не се исполнат дел од условите за реизбор, наставникот да ги губи звањето и работниот однос по сила на законот, без заштитни механизми од Законот за работните односи.
Филиче рече дека има удар врз интердисциплинарноста и доживотното учење. - Членовите 116, 122, 123 - се ограничува упис на магистерски, докторски студии, само на исто или сродно подрачје според статистички кодови, со што се убива можноста за промена на кариерата. И додека светот се спојува, се формираат нови струки, тие еволуираат, оваа власт ги сече врските помеѓу науките и со тоа се губи можноста луѓето да се доквалификуваат. Докторските студии стануваат привилегија. Барањата за докторски студии се поставени без реална процена на времето и трошоците. Докторатот практично останува скап, премногу и недостапен и тоа ќе доведе до една неминовност младите повторно да заминуваат, да ги прават тие научноистражувачки активности и истражувања во странство - рече Филипче. Тој информира дека се поставуваат апсурдни кумулативни услови, 50 меѓународни проекти, 500 научни публикации за пет години, кои ги исполнуваат само неколку универзитети. И ова не е за квалитет, туку за вештачко стеснување на кругот на оние што смеат да произведуваат знаење принудувајќи ги младите да одат во странство.
- Вонредните студии да се забранат е практично социјално неправедно и родово дискриминаторска пракса затоа што со оваа забрана се ограничува пристапот до образование на вработени лица, возрасни студенти, лица со семејни обврски. Сметам дека ова ќе има сериозен ефект во родовиот контекст бидејќи непропорционално ги погодува и жените во образовниот сектор. Член 27, став 6 - забрана на вонредни студии за наставнички професии, директно се погодуваат жените што треба да ги усогласат семејните обврски со професионалниот развој - рече Филипче. мд/са/
Фото и видео: СДСМ