Филипче од Јегуновце: Имаме застој и уназадување на секое поле
- На трибина „Се бориме за нашиот дом“ вечерва во Јегуновце, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче рече дека „состојбата се влошува на секое поле и државата уназадува' затоа што „не е исполнето ниту едно ветување за година и пол владеење на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво и четири години на локално“.
Јегуновце, 11 октомври 2025 (МИА) - На трибина „Се бориме за нашиот дом“ вечерва во Јегуновце, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Венко Филипче рече дека „состојбата се влошува на секое поле и државата уназадува“ затоа што „не е исполнето ниту едно ветување за година и пол владеење на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво и четири години на локално“.
-Веќе на граѓаните им е јасно дека состојбата со нив само ќе се влошува на секое поле. Оваа ненародна власт за година и пол е соголена до кожа од лагите со кои победи на последните избори. Да се потсетиме – ветуваа подобар живот, економски бум, горда европска интеграција под други услови, подобар животен стандард, ветуваа правда и правичност. Што имаме денес? Денес имаме застој и уназадување на секое поле. Економијата е ослабена и на колена, платите стагнираат, па дури и се намалуваат. Луѓето сè помалку можат да купат поради цените и инфлацијата кои не ги контролираат. Правда не постои, нема реформи, нема независно судство. Нема ниту перспектива напред кон Европската Унија“, рече Филипче.

После сите неисполнети ветувања, кажа Филипче, „се поставува прашањето зошто сега некој би и верувал на оваа влада“.
-Зошто некој да и верува на оваа власт повторно? Ако пред само година и пол излажаа за сè што ветија, тогаш бидете сигурни дека лажат и сега. Граѓаните не сакаат жалопојки. Сакаат решенија. Сакаат правда. Сакаат живот со достоинство. Сакаат грижа кога ќе имаат проблем, рече Филипче.
На изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски дека опозицијата има „патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ, Филипче му одговори „Мицкоски зборува за омраза, а самиот е извор на омраза, на деструктивна реторика која го дели народот и ја дестабилизира државата“.

-Цела година навредува, понижува, го дели народот и сите кои ги критикуваат неговите очајни политики ги нарекува глодари и лешинари. Цела година го храни стравот, се заканува, плука по секого – па после глуми жртва кога народот ќе му ја врати вистината. Цела година зборува за дестабилизации, хибридни напади – додека единствениот кој дестабилизира е тој, со неговиот говор полн со омраза, изјави Филипче. хс/вг/
Фото: СДСМ