Филипче и Герасимовски на увид во градежните активности на спортската сала „Работнички“ – се реконструира за првпат по 50 години
- Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче, денеска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, извршија увид во градежните активности на спортската сала „Работнички“, која во моментов се реконструира.
Скопје, 25 април 2025 (МИА) – Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче, денеска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, извршија увид во градежните активности на спортската сала „Работнички“, која во моментов се реконструира.
Како што истакна Филипче, спортската сала се реконструира по европски стандарди, со што се отвора можноста за одржување на европски натпревари.
– Објектот кој што го одбележуваше развојот на спортот сега добива ново руво. Целосната реконструкција по европски стандарди ја отвора можноста во салата „Работнички“ да се одржуваат и европски натпревари. Но, не е само квалитетот на новата сала, со нови трибини, кров и нова фасада, сметам дека со еден ваков обновен објект се враќа и духот на овој дел од Скопје, посебно на Градскиот парк, рече Филипче.

Претседателот Филипче посочи дека реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ е само еден од многу проекти на општина Центар кои се од интерес на граѓаните, согласно нивните потреби.
– Општина Центар реализираше уште многу други значајни проекти, како обновувањето на основното училиште „Коле Неделковски“, градинката „Пролет“, претпријатието за производство и продажба на електрична енергија. Тоа се значајни проекти коишто го зголемуваат и сериозно го надградуваат капацитетот на општина Центар, Филипче.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека салата ќе биде пуштена во употреба во септември месец, со оглед на тоа дека првата фаза од обновата е завршена и во моментов се одвива втора фаза на реконструкција.

– Првата фаза од обновата е комплетно завршена, и отпочната е реконструкција на втората фаза која предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш кабините, како и поставување на климатизација и подно греење, посочи Герасимовски. ра/аа/
Фото: МИА / Општина Центар