• петок, 22 ноември 2024

Филипче: За само неколку часа има повеќе од 8000 регистрирани граѓани за вакцинација

Филипче: За само неколку часа има повеќе од 8000 регистрирани граѓани за вакцинација
Скопје, 10 февруари 2021 (МИА) - За само неколку часа има повеќе од 8000 регистрирани граѓани на веб-страницата www.vakcinacija.mk која денеска е пуштена во употреба, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил.
Со пополнување на апликацијата достапна на оваа веб-страница, граѓаните искажуваат интерес за вакцинација против КОВИД-19. Сите апликации ќе бидат внесени во системот „Мој Термин“ и нема потреба граѓаните дополнително да го ажурираат податокот или да го бараат и информираат својот матичен лекар за регистрирањето.
-Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ве повика и ќе ве информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот кој ќе го изберете при регистрацијата. Во прва фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и граѓаните над 70 години. Сите останати кои се регистрирале ќе бидат контактирани во матичниот тогаш кога нивната група ќе биде на ред за вакцинирање согласно националната стратегија, соопшти претходно Министерството за здравство.
Министерството посочи дека вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација во нашата земја и порача дека вакцината е единствениот начин за да го победиме коронавирусот. хс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан