• четврток, 04 декември 2025

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ наместо со СДСМ да се занимаваат со проблемите на граѓаните

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ наместо со СДСМ да се занимаваат со проблемите на граѓаните

Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Претседателот на СДСМ Венко Филипче во однос на повиците да поднесе оставка посочи дека ВМРО-ДПМНЕ наместо да се занимаваат со СДСМ, треба да се погрижат да ги решаваат проблемите на граѓаните и да се посветат на реформите.

Тој денеска на прес-конференција најави и дека партискиот Конгрес ќе биде околу Нова година, на кој ќе претходи состанок на Централниот одбор на којшто ќе се анализираат резултатите од изборите и делувањето на партијата во следниот период. 

-Интересно е што повиците за оставка стигнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Не знам зошто тие се занимаваат со СДСМ. Тие треба да се занимаваат пред сè со проблемите на граѓаните, кои силно ги притискаат, а тие воопшто не се ни обидуваат да ги решат. И во јавноста излегуваат повици за одговорност и за некои наводни договарања со ВМРО-ДПМНЕ и од наши членови. Дури мислам и дека се инструирани од ВМРО-ДПМНЕ. Дел од нашите партиски другари претрпеа пораз на општинско ниво. Ним им беше дадена довербата да ги водат општинските организации, а направија најлоши резултати досега во тие општини. И сметам дека немаат морално право тоа да го бараат. Но подготвен сум да дебатирам на која било тема и со нив, рече Филипче.

Тој демантираше дека постои „скриен“ договор со ВМРО-ДПМНЕ.

-Во однос на некаков „скриен“ договор со ВМРО-ДПМНЕ, или тоа дека ние немаме доволно силна опозициска реторика во изминатиот период. Сметам дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ изгуби 140.000 гласови за година и пол, што е третина од гласовите што ги добија пред една и пол година, е заслуга и на нашата опозициска реторика. Ние сме тие што ги разобличуваа нивните лаги, нивната лажна реторика, нивниот лажен патриотизам, рече меѓу другото Филипче.

Во однос пак, за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за буџетот во правосудството, Филипче смета дека тоа е „спин“ на власта за да се префрли фокусот и да не се прикаже целосната слика.

-Не станува збор само за тоа колку плата земаат вработените во правосудството. Станува збор за тоа што и како треба да се направи за да се зајакне системот и да се стигне до поголеми буџети, онака како што тоа функционира во развиените земји. Тоа е вистинското прашање. А власта не го коментира тоа, затоа што за реформи воопшто не станува збор. Ниту еден реформски закон не е донесен од реформската агенда, затоа што немаат интерес за реформи, рече Филипче. 

Според него, судиите и обвинителите не бараат само повисоки плати, туку тоа го бараат како дел од спроведувањето реформи во нивниот систем. нд/вг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан