• петок, 05 декември 2025

Фидан го обвини Кипар дека се обидува да спречи поблиска соработка меѓу Турција и ЕУ

Фидан го обвини Кипар дека се обидува да спречи поблиска соработка меѓу Турција и ЕУ

Анкара, 4 декември 2025 (МИА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан ја обвини кипарската влада дека работи со Грција за да спречи поблиска стратешка соработка меѓу Европската Унија и Турција, објави државната агенција Анадолија.

-Без разлика со кого разговарам, сите се жалат на администрацијата на кипарските Грци. Тука има проблем: прашањето за полето на соработка, кое влијае на судбината на повеќе од 400 милиони луѓе во ЕУ и Турција, е заложник на мала група луѓе, рече Фидан по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

Фидан рече дека од стратешка перспектива, никој не може да го прифати ова и дека неговите соговорници од ЕУ јасно го виделе и го изразиле „на вистинскиот начин во вистинско време“. Според турскиот министер за надворешни работи, многу прашања што бараат едногласност во ЕУ се злоупотребуваат.

-Она што е важно тука за Турција е да продолжи по својот пат во надворешната политика, без да дава никому предност, а притоа да не ја држи топката во нејзин терен, рече Фидан.

Тој се осврна на неговите разговори во вторникот со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Фидан нагласи дека Турција и ЕУ работат на неколку фундаментални прашања, како што се Царинската унија, либерализацијата на визите и целосното враќање на активностите на Европската инвестициска банка во Турција.

Турскиот министер за надворешни работи, исто така, истакна дека постојат конкретни проекти што се однесуваат на поврзаноста на ЕУ и Турција со различни региони како што се Кавказот и Централна Азија.

Фидан рече дека Турција постигнала напредок со ЕУ во клучните прашања од надворешната политика, како што се војната меѓу Русија и Украина, Појасот Газа и Сирија. „Подготовките направени преку сопствените напори на Турција со години во овие региони сега стануваат важна основа за соработка со ЕУ и другите глобални играчи“, рече тој. мс/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан